Министерот во оставка сѐ уште министерува

Билен Саљији од ДУИ сѐ уште е министер за правда во владата на Зоран Заев, иако поднесе оставка пред неколку седмици, за што како причина го наведе судскиот случај со малиот Алмир од Куманово.

Саљији најави дека се повлекува набргу откако премиерот објави дека ќе го „проветрува“ кабинетот. Но, додека се чека Заев да објави кои кадри би заминале од функциите или би ротирале на други позиции, како и да ги соопшти новите имиња во извршната власт, Саљији и натаму фигурира како министер за правда. Тој вчера ни потврди дека парламентот не ја констатирал досега неговата оставка, што значи дека тој сѐ уште не е разрешен од функцијата.

Саљији ни изјави дека прашањето зошто не е констатирана неговата оставка треба да го поставиме на друга адреса. Премиерот, вели Саљији, може да одлучи кога ќе ја достави оставката во Собранието.

„Јас сѐ уште ја извршувам министерската функција. И одам на работа во Министерството, додека Собранието не ја констатира мојата оставка“, ни изјави Саљији.

Министерството за правда, во чиј објект имаше неодамна пожар, и фигуративнио е еден од најжешките ресори во овој период – кога привршува донесувањето на законите за реформирање на третата власт, по што ќе следува процес на нивна имплементација. Освен тоа, овој ресор се споменува и како камен на сопнување меѓу коалициските партнери, поради намерата на СДСМ да го преземе министерското место што при првата распределба на „владиниот колач“ ѝ припадна на ДУИ.

Од партијата на Али Ахмети, пак, како што се соопштува, не се расположени да им го отстапат на социјалдемократите Министерството за правда, иако во замена наводно им била понудена министерска позиција во „Образование“ (за Рената Тренеска-Дескоска да премине во „Правда“) или евентуално во „Труд и социјална политика“. Неофицијално, дури и не се исклучува можност ДУИ да го номинира повторно Саљији за министер за правда, кога ќе се избираат новите членови во реконструираната влада. Во однос на тоа, Саљији вели дека не може да одговори дали е можно да биде повторно кандидат за министер бидејќи, како што посочува, тоа е политичка одлука која не зависи од него.

Во последните неколку седмици, откако ја поднесе оставката, Саљији и натаму е во сенка на неговиот заменик од редовите на СДСМ, Оливер Ристовски, кој се појавува на сите настани поврзани со реформите во правосудството, а беше и на собраниската седница за интерпелацијата против Владата. Впрочем, ситуацијата беше слична и пред Саљији да ја поднесе оставката, така што тој од старт е еден од министрите на ДУИ за кои се зборува дека не се снашле најдобро на министерските позиции.

Сепак, Заев на брифингот со новинарите викендов посочи дека примарна цел на реконструкцијата е проширување на парламентарното мнозинство. Кога веќе се презема тој потег, како што вели, се наметнува и потреба од одредени промени или прераспределувања кадри во целата извршна власт, вклучително во третиот ешалон, кој ги опфаќа раководителите на државни и јавни претпријатија. Разговорите за проширување на парламентарното мнозинство продолжуваат, а целиот процес, како што најави Заев, треба да биде заокружен кон крајот на месецов.
„Неопходно е проширување на парламентарното мнозинство со нови партнери поради сериозните прашања што претстојат и за поефикасна работа на Собранието и пратениците“, рече Заев.

На прашање дали наидува на отпор од ДУИ, која сака да биде единствен партнер во Владата од албанскиот блок, Заев рече дека има поддршка од Ахмети за проширување на парламентарното мнозинство.

И замениците на Алијансата заборавени во Владата

Според член 115 од Деловникот на парламентот, секој носител на јавна или на друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка и може да ја образложи, во траење од 15 минути. Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција му престанува мандатот на денот на одржувањето на седницата.

Според ова, на Билен Саљији можеше да му престане мандатот уште на 29 март, ако се има предвид дека тој поднесе оставка на 20 март, а девет дена подоцна се одржа првата нова седница на парламентот – овој пат за пратенички прашања. Но, иако оттогаш имаше уште неколку нови пленарни седници, оставката на министерот за правда сѐ уште не е констатирана.

Сличен е случајот и со заменик-министрите од редовите на Алијансата за Албанците, кои излегоа од Владата уште кон крајот на декември минатата година. Иако заменик-министерката за надворешни работи Арта Точи и заменикот во Министерството за транспорт и врски Ремзи Мемети уште тогаш му ги испорачаа на премиерот Заев своите оставки, тие сѐ уште не се констатирани пред собранискиот пленум, така што овие кадри на Алијансата и натаму се на функциите.

Александра М. Митевска