Милошоски контра ВМРО-ДПМНЕ: Пратеникот со бебето в рака најави дека ќе оди на протест (Видео)

Антонијо Милошоски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, со видео порака на својот фејсбук-профил најави дека денеска ќе присуствува на протестот против промената на името и покрај резервата која во однос на овој собир ја изрази ВМРО-ДПМНЕ.

„Протестот за зачувување на идентитетот и на уставниот суверенитет на Република Македонија, доколку биде достоинствен и мирен, без разлика што е зимно време, може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа. Јас ќе присуствувам на тој протестен собир и ќе имам можност да бидам како еден чесен, родољубив граѓанин на Република Македонија, дел од луѓето што сметаат дека треба да бидат присутни на овој протест. Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука. Ќе ни треба многу мудрост, визија, трпение и аргументи. Сепак, најмногу од сè, ќе ни треба слога. И во името на таа национална слога, јас ќе ја дадам мојата поддршка за утрешниот протест“, порача Милошоски.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не стои зад организацијата на денешниот протест закажан за 18 часот пред Мисијата на Европска Унија во Скопје.