Милевски: Поразот боли, но задоволен сум од прикажаното


Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Боби Милевски, по натпреварот со Русија истакна дека поразот боли, но е задоволен од прикажаното на неговите играчи.

–  Пред се честитки за Русија за победата, но уште поголеми честитки за моите фудбалери кои покажаа карактер и го вратија духот на оваа репрезентација, кој го немаше на претходните натпревари. Честитки за момците како го одиграа мечот, особено во второто полувреме кога два пати се вративме резултатски. Иако го загубивме натпреварот, покажавме дека во нас има потенцијал и квалитет, покажавме дека можеме да бидеме конкурентни и против вакви селекции, затоа можам да кажам дека сум горд како одиграа, нагласи Милевски.

Според него, голот во последната минута можел да биде избегнат, но како што потенцираше „во фудбалот некогаш сте наградени за вложениот труд, а некогаш не“.

– Секако боли што не задржавме реми, но тоа е поради голема желба за победа, сепак се вративме од два гола негатива, и тоа значи нешто. Црвениот картон не ни смени многу, но тешко е да се игра со играч помалку. Без разлика, јас сум задоволен од прикажаното, се вративме на стари патеки, наведе македонскиот селектор.

Младинците несреќно загубија со гол примен во последните секунди од натпреварот.