Меј: Сѐ уште е можен Брегзит со договор на 29 март

Лондон и Брисел постигнаа „начелен напредок“ во преговорите за Брегзит и се уште е можно Велика Британија да ја напушти ЕУ на 29 март со постигнат договор, како и што беше планирано, изјави денеска британската премиерка Тереза Меј.

– И натаму на дофат на раката ни е можноста за истапување од ЕУ на 29 март со постигнат договор, изјави Меј по пристигнувањето во египетското одморалиште Шарм ел Шејк, каде ќе учествува на Самитот на ЕУ и Арапската лига.

Меј нагласи дека на последните средби британските преговарачи со ЕУ постигнале „добар напредик“ и имале „констурктивни разговори“.

Лондонските медиуми најавуваа дека на Самитот во Шарм ел Шејк, Меј ќе се обиде „да извлече дополнителни отстапки“ од лидерите на ЕУ, но неименуван висок претставник на Унијата ја отфрли таквата можност.

– Нема да има договор во пустината, изјави европскиот претставник.

Во обид да добие дополнително време за да успее да издејствува нови отстапки од ЕУ, особено во врска со одредбата за „ирската граница“, Меј го одложи новото гласање за Договорот за Брегзит во британскиот Парламент за 12 март, односно на две недели пред планираното британско напуштање на Унијата.

Спорната одредба за „ирската граница“ предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение.

Тврдокорните приврзаници на Брегзит, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.