Меј: Се уште е можен договор за Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј изрази уверување дека договорот за Брегзит е остварлив, и покрај ќор-сокакот околу северноирската граница.

-Верувам дека сите што се на масата сакаат да се постигне договор и со интензивно работење можеме да го постигнеме тој договор. Верувам дека договорот е можен и сега е време да се случи тоа, рече Меј во Брисел, пред разговорите со нејзините 27 колеги од ЕУ.

– Има повеќе разлики во врска со прашањето за границата на Северна Ирска. Доколку интензивно работиме заедно, верувам дека можеме да ги решиме овие прашања, додаде таа, истакнувајќи дека „значителен” напредок е постигнат во последниве недели.

Едно од најтешките поглавја во преговорите за напуштањето на ЕУ на Велика Британија е границата помеѓу Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, дел од Велика Британија.

За ЕУ е важно да се сочува интегритетот на внатрешниот европски пазар, односно стандардите кои ги наметнува ЕУ за своите производи и услуги, но истовремено е важно да не се појави тврда граница на ирскиот остров заради економски и историски причини.