Меј: Велика Британија сака најдобар можен трговски договор по Брегзит


Британската премиерка Тереза Меј изјави денеска дека Лондон работи за да го постигне најдобриот можен трговски договор со Европската унија по излегувањето на Велика Британија од Унијата.

„Ќе ја испочитуваме волјата на британскиот народ и ќе го постигнеме најдобриот договор по Брегзит за нашата земја, обезбедувајќи најголем можен пристап до европските пазари, со зголемување на слободната трговија со земјите во светот и со воспоставување на поголема контрола врз границите, законите и партите“, напиша Меј на Твитер.

Преговорите што се предвидени на почеткот на 2018 година, ќе вклучуваат дискусии за повеќе прашања за идните односи меѓу Велика Британиај и останатите земји-членки на ЕУ.

Како што јави МИА, претходно денеска лидерите на Европската унија одобрија почеток на нова фаза од преговорите за Брегзит.

„Лидерите на ЕУ се договорија да почнат втора фаза од разговорите за Брегзит. Честитки за премиерката Тереза Меј“, објави на Твитер претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Откако утврдија постигнување доволен напредок од првата фаза од разговорите за напуштање на ЕУ од страна на Велика Британија, на Самитот во Брисел е постигнат договор за покренување нова фаза што подразбира преговори за условите на транзицискиот период и изработка на рамки за идните односи.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска, откако ЕУ одлучи да премине во нова фаза преговори за Брегзит, изјави дека претстои уште потешка работа во иднина.

„Лидерите направија добар чекор напред. Сега може да почне втората фаза, која ќе биде уште потешка од онаа со која стигнавме до тука“, коментираше Меркел.