Мечот Ривер-Бока му донесе на Мадрид 42 милиони евра директни приходи


Ривер Плата го освои трофејот на Копа Либертадорес, но Мадрид, исто така, може да се смета за голем победник во финалниот дуел меѓу „милионерите“ и Бока Јуниорс, кој се одигра на мадридскиот стадион „Сантијаго Бернабеу“, оценува „АС“.
За рекордно кусо време, подготовката и логистиката во сите сегменти беа совршени. Организацијата на овој важен меч беше поздравена од целиот свет, а особено во Аргентина.
По завршувањето на настанот, сепак дојде време за сметките. Претставникот на локалната власт во Мадрид, Родригез Урибес соопшти дека само од директни приходи, финалето и донело 42 милиони евра на мадридската економија.
– Уште 50 ќе се генерираат од ефектот на брендот Шпанија и брендот Мадрид, додаде тој.
Општо земено, овие бројки ги надминуваат 55-те милиони евра, кои отидоа кај Лисабон и Милано за последните две финалиња од Лигата на шампионите.
Реал Мадрид исто така имаше полза од натпреварот. Во касата на клубот ќе влезат 2,5 милиони евра поради организацијата и продажба на 13.000 билети. Уште четири милиони евра ќе велзат во државната каса на Шпанија во форма на даноци.
Натпреварот го обебзедуваа 4.000 припадници на националната полиција, од кои половина пристигна од другите градови во земјата. Тоа Мадрид го чинеше 650.000 евра, но локалната власт ќе преговара со Јужноамериканската фудбалска федерација (КОНМЕБОЛ) за споделување на овие трошоци.