Меркел се обидува да ги забрза разговорите за коалиција со социјалдемократите

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин ќе направи уште еден обид за формирање нова коалиција со социјалдемократите.

Меркел и тим социјалдемократски високи функционери на чело со претседателот на партијата Мартин Шулц ќе го разгледаат распоредот за преговори за евентуално формирање на нова коалиција, предводена од конзервативците на канцеларката.

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) сака да добие на време во момент кога меѓу нејзините членови има отпор против продолжување на сегашната коалиција со Меркел, а Христијанско демократската унија (ЦДУ) на канцеларката и нејзините баварски сојузници од Христијанско социјалната унија (ЦСУ) инсистираат социјалдемократите да ги забрзаат преговорите.

Според претставници на ЦДУ-ЦСУ, Меркел се надева дека на средбата ќе бидат разгледани темите кои може да бидат дел од евентуални коалициски преговори.

Социјалдемократски функционери тврдат дека составувањето на нова коалиција може да потрае до март, а првиот круг од евентуални официјални преговори не се очекува пред 7 јануари.

Потоа на состанокот на СПД, планиран за 21 јануари, би требало да се реши дали да се почнат официјални коалициски преговори со конзервативците на Меркел.