Меркел го охрабри Заев да направи болен компрoмис

Германската канцеларка Ангела Меркел го охрабри премиерот Зоран Заев да го реши спорот за името со Грција, порачувајќи му дека компромисите некогаш се болни, но мора да се направат. Дали Меркел понудила помош или идеја за решение не беше јасно од информациите што беа достапни јавно вчера, по средбата, но таа јасно порача дека нема намера да прави притисок врз едната или другата страна, бидејќи тој не е многу од корист за процесот.

„Мој став е дека проблемот треба да биде решен и притисок во преговорите не е многу од корист. Имам впечаток дека после подолго време за првпат и двете страни имаат интерес за решавање на ова прашање, и тоа е добар предуслов. Инаку, верувам дека и вие знаете, дека јавните изјави некогаш може повеќе да штетат отколку да користат. Им верувам на двете страни дека со оваа желба за решение на проблемот ќе бидат внимателни и грижливо ќе се однесуваат кон тоа. Секој треба да знае што може да даде“, изјави Меркел на прес конференцијата, па додаде:

„Компромисите се секогаш болни. Тоа секој го знае од својот политички живот. Секој компромис што ќе мора да го направите е болен, но тој мора да може да се реализира.Токму тука треба да се најде патот. Тоа е висока уметничка, дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку треба зад затворени врати“, го посоветува таа Заев на прес конференцијата.

Самиот факт дека посетата се случи на нејзина иницијатива,  дека на Заев му се обрати како на „македонски премиер“, а надвор од вообичаениот протокол тој беше примен и од шефот на државата,Франк Валтер Штајнмаер, сепак сугерира дека зад општата изјава разговорите биле многу потемелни, а причината за средбата поургентна.Од македонска страна јасно беше најавено дека целта на престојот е да се зајакнат нарушените германско-македонски односи по владеењето на Никола Груевски, да се побара натамошна германска поддршка околу евроинтеграцијата и да и се помогне на Македонија да постигне разумно решение со Грција. Економската соработка беше плус тема, со оглед на тоа дека Германија е најголем трговски партнер на Македонија, со размена од 3,6 милијарди евра и 200 германски компании што работат во нашата земја.

Надвор од името, премиерот Заев оцени дека добил силна поддршка од Меркел за стратешките определби на земјата.

„Добивме силна поддршка од германската страна за нашите стратешки определби, влез во ЕУ и НАТО. Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата ,и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување и од нашите граѓани, рече Заев. Како доказ за решеноста да се направи пробив тој го посочи веќе постигнатиот договор со Бугарија, а потоа ја покани  канцеларката во текот на годинава да ја посети Македонија.

Германската канцеларка, пак, нагласи дека Берлин останува силен партнер на Македонија и дека меѓусебната соработка на двете земји ќе се интензивира имајќи ја во предвид реформската агенда на актуелната влада. Таа нагласи дека Македонија сега има стабилна влада која спроведува реформски политики во интерес на граѓаните на земјата и дека тоа е неопходно за прием во НАТО и во Унијата. Таа притоа додаде  дека отсекогаш ја поддржувала европерспективата на Македонија и на земјите во регионот, дека конфликти имало доволно  и дека сега треба да се работи на нова реалност.

На прашањето дали гледа обиди на Русија да го спречи приемот на Македонија во НАТО, Заев одговори дека Македонија е мала, позитивна и пријателска земја која сака да има подобри односи и со Русија, но не гледа за себе друга алтернатива освен членството во НАТО и ЕУ:

„Јас се надевам дека нема да имаме незгодни ситуации во Република Македонија, иако не можам да исклучам било какви обиди за заштита на било какви интереси во целиот овој регион. Целиот регион нема алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО, а веројатно тоа некогаш не му се допаѓа некому“, одговори Заев.

Запрашана дали 2025 година е реален датум за прием на земјите од регионот, Меркел од своја страна одговори  дека за неа  не е битен датумот за влез во Унијата, туку дали одредената земја ги исполнила критериумите.

„ Фокусирани сме на исполнувањето на условите и  во преден план не се датумите. Кога ќе биде постигната зрелост ќе има влез. Има услови, критериуми од ЕК, ако бидат исполнети одредена земја може да стане членка. Дали тоа ќе се случи побрзо или побавно, зависи од спроведените реформи“, рече  Меркел, додавајќи потоа дека во тој процес секоја земја се оценува индивидуално.Притоа, го спомена самитот во мај во Софија со земјите од Западен Балкан како можност Македонија да дојде на масата со решение за спорот. (С.Ј.)