Меркел: Без извоз на оружје за Саудиска Арабија додека не се расветли убиството

Германија – Германија нема да дозволи извоз на оружје за Саудиска Арабија додека трае неизвесноста на судбината на новинарот Џамал Кашоги, изјави синоќа германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа повторно го осуди убиството на Кашоги, за кое Саудиска Арабија призна дека се случило во нејзиниот Конзулат во Истанбул.

– Прво, го осудуваме овој чин на најстрог можен начин. Второ, неопходно е брзо да се разјасни што се случило – далеку сме од тоа дека случајот е разјаснет и дека извршителите одговараат за тоа што го направија, посочи Меркел.

Таа додаде дека извозот на оружје за Саудиска Арабија „нема да се случи под моменталните околности“.