Мерилин Монро на аукција: Илјадници долари за личните предмети

САД – Наградата „Златен глобус“, која ѝ беше доделена на Мерилин Монро (1926-1962) во 1961 година, беше продадена на аукција во САД за рекордни 250 илјади долари.

Аукциите на лични предмети на Монро беа одржани во Лос Анџелес. Прво на аукцијата беше продадено возилото на актерката – „форд тандербрд“, модел кабриолет од 1956 година. Автомобилот е продаден за 490 илјади долари, иако се проценува на најмалку 500 илјади. Се смета дека тој  бил подарок за Божиќ од бизнис-партнерот и фотограф на актерката, Милтон Грин (1922-1985). Секс-симболот на Америка станува сопственик на луксузниот автомобил шест месеци пред да се омажи за драматургот и писател Артур Милер (1915-2005). Монро го имала автомобилот во текот на шест години и поминала речиси 50 илјади километри, а потоа му го подарила на синот на својот учител по глума Ли Страсберг (1901-1982) – 18-годишниот Џон.

На аукцијата исто така се продадени и такви предмети како возачката книшка на Монро, издадена во 1957 година во Конектикат (за 10 илјади долари), обетки од планински кристал (за 10,2 илјади долари), примерок од првото издание на „Плејбој“ со актерката на насловната страница и потпишана од издавачот Хју Хефнер (32.000 долари).

Сепак, уште поголем интерес предизвикала стилската црна блуза од сатен, во која Монро ја освојува публиката на прес-конференција на аеродромот во Лос Анџелес во 1956 година – таа е продадена за 43.750 илјади долари.

Во целата кариера Монро (чие вистинско име е Норма Џин Мортенсон) исполнила околу 30 улоги во различни филмови, а последната е на жена фотограф во незавршениот филм на Џорџ Кјокор „Нешто мора да се случи“ (1962).

Почина во Лос Анџелес на 5 август 1962 година, наводно, од предозирање. Заедно со Елвис Присли, Мајкл Џексон, Супермен и Мики Маус е сметана за една од најпознатите слики на масовната култура.