„Медена земја“ во Хонгконг, во МоМА, на европска премиера во Швајцарија

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, ќе биде прикажан на 28 март на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг, на 3 април во престижниот Музеј на модерна уметност (MoMA) во Њујорк, а на 8 април ќе ја има својата официјална европска премиера на филмскиот фестивал „Визионс ду реел“ во Нион, Швајцарија.

На 9 април е закажана проекција на филмот на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ во Белград, а на 13 април следува гостување во Лондон, во рамките на „Рамки на репрезентација“ во Институтот за современи уметности на Велика Британија.

„Медена земја“ е документарен филм за последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Во него е прикажана припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

„Медена земја“ во Јута доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградата за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change). Првпат во историјата на реномираната манифестација еден проект беше награден со три признанија.

Во Скопје имаше две премиери од затворен тип.