МВР: Приведените во близина на Владата, можат да пријават насилство од полицајците

И.Р и В.Р. кои утринава беа приведени на булеварот „Илинден“ во близина на Владата на Р.М. за нарушување на jавниот ред и мир, доколку имаат забелешка за однесувањето на полицајците можат да го пријават настанот во одделот за внатрешна контрола при МВР, истакна денеска пртпаролот на полицијата Тони Ангеловски за реакциите на социјалните мрежи за грубоста на полицајците при приведувањето.

Тој рече дека доколку приведените пријават такво однесување на полицајците, тие веднаш ќе го испитаат случајот и доколку се утврди било кој полициски службеник дека ги надминал своите овластувања тие ќе бидат санкционирани.

МВР, попладнево соопшти дека приведените викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале, а откако двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување, почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници.

И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, после извршено алкотестирање.

И.Р. (43) одбивала да и биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да и биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол. Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето. После тоа, И.Р. била вратена во Полициската станица Центар и во 04.30 часот била ослободена.

На лицето В.Р. му било извршено алкотестирање и тој потпишал записник за присуство на алкохол во крвта, по што бил ослободен во 3 часот по полноќ. Против лицата ќе бидат поднесени прекршочни пријави.