МВР објави фотографија од лице поврзано со физичкиот напад врз лидерот на ЛДП

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од лице, кое, како што се вели, во соопштението, е важно во постапката поврзана со нападот врз пратеникот Горан Милевски на плоштадот „Македонија“.

МВР ги повика сите граѓани кои имаат какви било сознанија за лицето, веднаш да известат во најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата „Пријави сомнително лице“ на официјалниот сајт на МВР или да пријават во Јавно обвинителство.

Станува збор за нападот врз лидерот на ЛДП и пратеник во Собранието Горан Милевски, кој помина со полесни повреди по инцидент на плоштадот во Скопје.

На Милевски му пришло непознато лице и почнало да го удира со тупаници во пределот на телото и главата. Напаѓачот неколку пати го удрил пратеникот по што си заминал. Милевски со лесни повреди се пријавил во болница.

Информации за мотивите за нападот официјално не се објавени, но се се претпоставува дека е поврзан со Законот за јазици.

Пратениците на власта, кои го поддржаа законот, беа мета на напади. Протести се одржаа пред домовите на некои пратеници, а на една пратеничка и беше запален автомобилот.