МВР за драмата во хотел Арка: Се работи за имотно-правен проблем

МВР денеска реагирале во неколку наврати во околината на хотелот Арка на Бит Пазар.
Имено, тие добиле пријава од вработена во хотелот дека сопственик на објект во изградба го демонтирал скелето кое било поставено од страна на хотел Арка покрај објектот во изградба.
„Констатирано е дека се работи за имотно правен проблем и со оглед на тоа дека не е констатирано нарушување на јавниот ред и мир, лицата се предупредени и упатени проблемот да го решат преку надлежните институции“, велат од МВР за „Независен весник“.
По одредено време, превентивно повторно е излезено на лице место и по извршениот разговор со лицата затекнати пред хотелот, полициските службеници биле известени дека засегнатите страни се упатиле во општина Чаир.
„Потоа, добиена е пријава од машко лице дека некој го попречува влезот во хотелот односно не им дозволува излез на гостите. Полициски службеници повторно излегоа на лице место и во моментот кога пристигнале не е констатирано попречување на влез и излез на лица од хотелот. Дополнително, се преземаат соодветни мерки и активности за утврдување на фактите од пријавата и целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.
Попладнево до медиумите пристигна допис од сопственикот на хотел Арка Сашо Џиковски. Во писмото тој вели дека имало вандалски напад од 20-ина хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата скопска чаршија.
Тој вели дека полицијата интервенирала неколку пати, меѓутоа, од полициска станица Бит-пазар одбивале повеќе да реагираат со образложение дека не се во можност да им ја гарантираат безбедност и телефонски им порачале да си ангажираат приватно обезбедување.
„Во моментов како заложници во хотелот сме сопствениците и персоналот, како и 30-ина странски гости на кои не можеме да им ја објасниме целата ситуација“, стои во дописот на Џикоски.