Мајко: И Албанија е против укинување на Специјалниот суд во Приштина

Албанија се приклучи на притисоците на САД и Велика Британија кон Приштина да не го укинува Специјалниот суд за воени злосторства на Косово и Метохија.

„Во заблуда се сите кои мислат дека САД, Велика Британија и ЕУ се согласни со укинување на Специјалниот суд“, порача на Фејсбук албанскиот министер за дијаспора, Пандели Мајко.

Според него, погрешно е да се мисли дека САД, Велика Британија и ЕУ ќе ја премолчат веќе донесената важечка одлука за формирање на таа судска институција.

Мајко смета дека Косово не е лично прашање, а законите, како што вели, не се однесуваат на лични судбини.

Пандели Мајко оцени дека Приштина води апсурдна политика кога станува збор за Специјалниот суд и предупреди дека барањето за негово укинување влева страв за иднината.

Тој потсети дека на укинувањето на Специјалниот суд се противат САД и Велика Британија и дека Приштина доби предупредување од Стејт департментот.

Специјалниот суд е формиран заради судење на сторителите на воени злосторства на Косово и Метохија во периодот од 1998 до 2000 година.