Матис: Руската влада го изведе „обидот за убиство“ на Скрипал

Министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис, изјави дека труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Велика Британија се „обид за убиство”, што го извршила руската влада.

Матис рече дека нападот, кој покрена бран на протерувања на руски дипломати од западните држави, бил „сосема очигледно” изведен со хемиски агенс и додаде дека ова е прв напад со хемиско оружје во Европа од Втората светска војна.

На новинарско прашање дали тоа може да се смета за чин на војна, Матис рече дека се работи за форма на руска акција, во која претседателот Владимир Путин верува дека може веродостојно да ја негира вмешаноста.

Тој, како примери ги наведе, руското припојување на Крим во 2014 година и интервенцијата во источна Украина, како и наводното мешање во претседателските избори во САД.