Маријана Ацески,топ-модел: Го ширам семејниот бизнис

По успешната манекенка кариера, Маријана Ацески-Томовска е на пат да стане и успешна бизнисменка.

– Како реализирана жена, сопруга и мајка, во овој момент вниманието ми е насочено кон мојата работа.  Прекрасните моменти од мојата кариера како модел се зад мене од моментот кога ги родив Андреа (7) и Даријан (5), но тие ќе бидат засекогаш во моето срце, како едно прекрасно искуство во животот, кои ми отворија навистина многу врати во светот на модата и ги проширија моите видици и познанства. Но го преземав предизвикот да се откажам од нешто добро, за нешто одлично – вели Маријана.

Заедно со брат ѝ Дарко Ацески пред речиси 6 години го презеле управувањето на фамилијарната фирма „Златекс“ за производство на заштитна облека.

– Особено се радувам и сум горда затоа што направивме успешен трансфер на нашата компанија од родителите на нас, и константно се стремиме кон нејзино проширување. Од мали бевме вклучени во нејзиниот развој и оттаму и се разви страста за тој бизнис. Прекрасно е чувството кога целата енергија и креативност ги насочуваш во работата што ја сакаш – раскажува Ацески.

Нивната компанија е добро позната во повеќе европски земји во дејноста што ја работат, а тоа е производство на заштитна облека потврдена со сертификат на „Гортекс“ уште од 1997 година.

– Но како иновативна фирма со млад менаџмент не застануваме тука. Имаме многу започнати и планирани проекти кои полека, но сигурно ја дефинираат нашата визија  –  да станеме препознатлив бренд за заштитно техничка, но и спортска облека – ни изјави Маријана.

Ацески-Томовска, која е единствената наша манекенка која носела креација на Пако Рабан, со завидно манекенско портфолио во Македонија, Италија и Грција. Не е во манекенска пензија. Присутна е на модни ревии од хуманитарен карактер и кога добива покани од драги пријатели.

Лејла Сабит