Манчестер Сити ја доживеа судбината на Челзи: Забрана за трансфери во два преодни рока

ФИФА не се шегува и реши да удри на најбогатите и најмоќните. По Челзи, казна следува и за Манчестер Сити.

Британските медиуми пренесуваат дека во следните неколкудена ќе биде официјализирана одлуката на истражните органи на ФИФА да го казнат Сити со забрана за регистрација на нови играчи во следните два преодни рока, односно истата казна која ја доби и Челзи неодамна.

Станува збор за истрага на ФИФА која трае веќе долго време и која се занимава со трансферите на младите играчи. ФИФА сака да ги заштити помалите и послабите клубови на кои големите и побогатите им ги крадат играчите и ги регистрираат подоцна како продукти на своите школи. Поради истите работи претходно беа казнувани Барселона, Атлетико Мадрид и Челзи. Манчестер Сити веќе со години е на нишан на ФИФА поради големиот број сомнителни трансфери на малолетници и изгледа дека истрагата собрала доволно материјали за осуда.

Манчестер Сити уште во 2016 година беше под истрага поради трансферот на 16-годишниот Бенјамин Гаре од аргентински Велез Сарсфилд, но тогаш се провлече без казна. Тогаш успеаја, но сега не. Британските медиуми јавуваат дека Манчестер Сити ги минал црвените граници во партнерскиот однос со дански Нордсјеланд и академијата за фудбал „Right to Dream“ во Гана чиј сопственик е претседателот на Нордсјеланд.

Данците доведувале малолетници во Нордсјеланд и преселувале цели семејства од Африка, но во тоа логистички и економски им помагал Манчестер Сити во замена за правото прв да бира меѓу најталентираните играчи. Со оглед на тоа дека таквиот однос се коси со забраната за сопствеништво од трета страна, ФИФА конечно ги „фати“ „Граѓаните“ и сега им следува забрана за трансфери во следните два преодни рока. Секако, можат да се жалат, но веројатно ќе минат како Барселона и Атлетико.

Сепак, со оглед на играчкиот кадар во Манчестер Сити и на составот со кој располага Пеп Гвардиола, дури ни оваа казна не би требало жестоко да ги погоди. Сити има по двајца врвни играчи на секоја позиција и единствено засилување за кое се шпекулираше е на позицијата последен играч за врска како конкуренција на Фернандињо и Гундоган.