Манчевски: Владата ги трга рацете од изборот на раководните кадри во МРТВ


Владата ги трга рацете од изборот на раководните кадри во МРТВ, тоа треба да биде трајна пракса и токму тоа ќе се обидеме да го воспоставиме со измените во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, истакна вечерва министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во интервју за емисијата Топ-тема.

Манчевски ова го посочи одговарајќи на новинарско прашање зошто Владата го дозволила изборот на старо-новиот директор на МРТВ Марјан Цветковски, кој е избран од стариот состав на Програмскиот совет на радиодифузниот сервис и дали всушност со ова се прави политичко пазарење.

Посочи дека со законските измени се цели да се воспостават механизми со кои ќе се ограничат можносите која било влада да се меша во изборот на раководните кадри на МРТВ.

– Во моментов не беше можно нешто да се смени во која било варијанта и ние како Влада воопшто не се ангажиравме. Не може да очекуваме од овој Програмски совет, кој и покрај сите домашни и странски релеватни извештаи за состојбата во медиумите не ги реши проблемите на националниот радиодифузер, сега да најде решение или да се обидеме да разговараме или уште полошо да преговараме. За нас решението генерално доаѓа преку дел од овие законски измени, додава Манчевски.

Директорот на МТВ, Марјан Цветковски,  кој беше остро критикуван за неемитувањето на таканаречените бомби, но и за непрофесионалното известување за упадот во Собранието, беше избран да раководи со јавниот сервис и во наредните три години. Тој од 12 пријавени кандидати бил оценет како најадекватен од Програмскиот совет, а единствено членовите предложени од ЗНМ и Албанскиот театар не гласале за Цветковски.

Дел од проблемите во МРТВ смета дека ќе се решат со измените во изборот на Програмскиот совет, при што е предвидено поголемо вклучување на јавноста.

– Предвидено е поголемо вклучување на јавноста во изборот на кандидатите на Програмскиот совет, осум годишно искуство во фелата, поддршка од релевантни институции, организации, потоа да се појават пред пратениците во Комисијата за избори и именувања, каде ќе треба да се претстават кои се и што планираат да прават, а јавноста ќе биде браникот при нивниот избор, смета Манчевски.

Додава дека законските измени сами по себе нема да придонесат за подигање на индексот за слобода на медиумите во земјава.

Законот е донесен кон крајот на 2013 и досега има претрпено шест измени, а оваа ќе биде седма. Македонија од 34 место според индексот на Репортер без граници во 2008 година до носењето на законот во 2013 падна на 123 место.

– Законот нема да ги подигне индексите, тоа ќе зависи од нас. Ниту еден закон не е доволно добар или лош, колку што можат да бидат добри или лоши луѓето кои треба да ги спроведуваат и почитуваат и сето тоа зависи и од професионалноста на медумските работници и желбата нешто да променат. Треба да ја смениме политичката култура, начинот на кој во Македонија функцонираат и политичарите и институциите, додаде тој