Маленко: Би сакал уште четири затворени базени до 2024 година

Поделба на програмата на два дела – на олимписко пливање и на далечинско пливање, сертификати за тренери, судии и делегати согласно меѓународната програма на Светската пливачка асоцијација (ФИНА), ревидирање на стипендиите за млади надежни пливачи. Ова е само дел од најавата за работа на Александар Маленко во неговиот мандат како претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ).

„Имаме три затворени базени и условите не налагаат да очекуваме било што во моментот. Покрај овие три би сакал до 2024 година да имаме уште четири базени во различни градови и уште минимум шест школски базени кои би биле за задолжителна настава. Таквите ќе бидат одлична основа за здрава младина и за пронаоѓање на таленти“, истакна Маленко.

Новиот претседател на ПФМ најави и четири маратони како национално првенство во далечинско пливање, подигнување на нивото на Охридскиот маратон. Во неговата програма се вметнати и одржување на олимписки маратони на десет километри, трки на пет километри што би биле и квалификациски за пласман на Европски и Светски првенства како, организација на централно Европско првенство за кадети како и четири државни првенства (две зимски и две летни) во кадетска и во пионерска конкуренција.