Македонско националистичко ноктурно


 

 

На една недела пред референдумот работите станаа јасни. Македонија, барем нејзиното политичко ткиво, јавно се подели на две хемисфери, онака како што се очекуваше, иако некои се обидуваа да тврдат дека работите не се такви како што изгледаат. Прво, вмровските кремљолози ги промашија анализите верувајќи дека внимателно сроченото соопштение од кабинетот на претседателот на државата по средбата со американскиот секретар за одбрана била најава за промена на ставот на Ѓорге Иванов. Доволно беше познато дека Иванов, по срамната аболиција и уште посрамното нејзино повлекување, нема да си дозволи уште еднаш јавно да се самопонижува, а особено не со договори кои го погаѓаат најчувствителниот македонски националистички нерв. Така беше со законот за јазиците, така е и со договорот од Преспа.

Во стилот на „малиот Цезар“ од филмскиот свет по американската инвазија на политичари во Скопје, по средбата на премиерот во Белата куќа и јасното писмо на Доналд Трамп за поддршка на договорот, Иванов реши од американска почва да го каже своето „не“, повеќе поврзано со калкулации, отколку со историска решителност. Иванов одбра да изврши десант со само еден човек зад првите линии на американската политика во Вашингтон, од Детроит, и да почне однатре да го поткопува геополитичкото кредо на САД за Балканот. Не е првпат со национално-патриотски патос Иванов да направи уште еден чекор кон неговата радикализација во последните две-три години од неговото претседателствување.

Кога човекот кој го донесе на функцијата командуваше со државата, Иванов се држеше настрана, исполнувајќи ја улогата на аѓутант. Кога неговиот творец пропадна, кај Иванов еруптира вулканот на големите амбиции, па неговата реторика е опседната со Ердоганови постулати. Така, од Детроит, пред избраните претставници на дијаспората, тој ги изговори овие кнежевски зборови: „Двапати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам.“

Иванов мисли дека како некој средновековен властелин е единствениот гарант на поредокот на Македонија, дека Собранието е две скалила подолу (истото тоа Собрание пред кого тој ја поднесе заклетвата) и дека неговото наводно херојско мачеништво е вредно за почит. Во една јазична еквилибристика, тој како лидер на кампот што е против договорот, го кажува истото што го зборуваат тие што го величаат: „Сите се прашуваат што ќе се случи ако не се прифати конечната спогодба од Преспа. Но, многу поважно е прашањето кои се последиците ако се прифати спогодбата?“ Навистина, бесмислено е претседателот на државата да одговара што ќе се случи со државата ако пропадне овој договор кој ги отвора европските перспективи. Тие перспективи како да не се дел од неговите проекции.

Еден ден порано, во Бања Лука, центарот на Република Српска, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја промовираше стратегијата на Москва за Балканот. Па, меѓу другото, го изјави ова: „Сега се создаде двосмислена ситуација во Македонија, по потпишувањето на Преспанскиот договор, кое всушност беше незаконско. Ние не зборуваме ништо што би можело да се протолкува како мешање во внатрешните работи. А, погледнете колку посети има во Скопје во последно време од раководители на западни земји. Ако тоа не е мешање во едно внатрешно прашање, тогаш не знам што може да се нарече мешање“.

Тоа е класичното извртување на работите – тие политичари доаѓаат од земјите кои се членки на ЕУ и НАТО, кои се нашата крајна цел. И Иванов употребува слична аргументација во Детроит: „Изминативе недели во Република Македонија речиси секојдневно доаѓаат високи странски претставници да ги убедуваат македонските граѓани да излезат на референдумот и да ја прифатат грчката спогодба“, со која ќе се создадела, „нова држава, која ќе биде анационална“. Случајно поистоветување или нешто друго? Иванов, се разбира, не сака да зборува за тоа во каков правец ќе се движи Македонија доколку не се прифати договорот, какви ломови може да ја зафатат и кој може да ја искористи целата таа конфузија. Ниту во каков бунар може да паднат македонските проекции за иднината.

И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во неделата од митингот во Охрид ги разјасни во голема мера работите кои навидум изгледаа замаглени. По неговиот говор, веќе е јасно дека раководството на партијата повикува на бојкот. „Овој договор е против македонските национални интереси и против македонската држава бидејќи е диво месо вметнато во здрав организам, кое нè гуши и допрва ќе нè влече надолу ако не се спротивставиме.“ Иако тој се обиде да тврди дека немањето став бил навистина вистинскиот став. А плус уште во првата реченица во своето обраќање ќе се диференцира од правниот поредок во земјата: „Ја користам оваа пригода да ве замолам да им дадеме еден громогласен аплауз на Љубен, на Сашо, на Боби и на Крсто, современите војводи, комити, гемиџии, кои секојдневно се малтретирани и измачувани од страна на владата на СДСМ и Зоран Заев.“ Отворањето на вратите на Собранието на 27 април била таа нишка што недостасуваше – современото гемиџиство.

Тоа е таа децениска заблуда – ВМРО била „чувар на Македонија“. Како што Иванов сака да се претстави како сам и единствен чувар на Македонија. Тоа е таа монета со две исти лица. Спротивставувањето на договорот ВМРО можеше да го направи на поелегантен начин, политички пософистициран, а вака раководството ја однесе партијата кон радикалниот пол на политиката. Кон национализмот. А само пред две години претходниот претседател во голем говор најави престројување на партијата како граѓанска десница. Таа најава пропадна исто толку брзо колку што беше смислена за додворување кон гласачите, па сега е најдобро да се биде во јаслите каде што ѝ е најубаво – во национализмот кој се претставува како патриотизам.

Референдумот ќе ја одреди македонската политика во наредните децении. Во основа, тоа ѝ беше потребно на државата – да го направи чекорот во посттранзициското општество, да се дефинира за што треба да се залага – за либералните демократски вредности или за популистичките памфлети на постојана загрозеност.