Македонски џентлмени на мотори во хумана мисија за борба против рак на простата

Да се биде дел од глобалното движење The Distinguished Gentlemans Ride е привилегија, а Скопје ја има таа чест трета година по ред на 30 септември да го организира дефилето на кое урбани моторџии облечени во елегантна облека и уникатни мотори ќе дефилираат низ градските улици, обидувајќи се да ја подигнат свеста кај мажите за сопственото здравје и да соберат финансиски средства за борба против рак на простатата.

Движењето започна во 2012 година во Сиднеј кога Mark Hawwa облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простата да продефилира низ улиците.

Движењето зема замав и од година во година е се поголем бројот на учесници и градови кои се приклучуваат. Така, во 2013 година, 11 илјади моторџии во 145 градови се приклучија кон движењето и беа собрани 277 илјади американски долари, а веќе во 2017 година се зголемува бројот на учесници на 94 илјади, а бројот на градови ја достигна бројката од 581 во 92 држави ширум светот. Притоа се собрани 12,5 милиони долари за истражувања и програми за рак на простатата и останатите машки болести.

Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои се креатори на идејата Скопје да стане дел од ова глобално движење, велат дека на почетoкот било тешко, но оти желбата да се поддржи едно вакво хуманитарно движење била мотив да се продолжи понатаму.

– Иницијативата пред се беше љубовта кон моторите, а причината зошто го одбравме овој тип на настан е поради спецификата на моторите кои се возат, како и специфичната кауза на настанот. Идејата на настанот е да се разбуди свеста за борба против машките болести и самоубиствата како последица од овие болести, да се анимира јавноста за превентивните прегледи, како и да се соберат средства за овие болести, појаснуваат Стефановски и Петровски.

Покрај уникатните мотори кои можат да се видат за време на настанот, се промовира и еден урбан начин на облекување кај мажите, а во основата на сето ова се провлекува хуманата димензија.

Интересно е да се спомене и за друг момент кој го третира овој настан. Познато е дека кога и да ги споменеме мотоциклистите веднаш се судираме со стереотипите поврзани за бучава, бунтовничко однесување и неуредност. Овој настан се бори токму и против тие стереотипи да докаже дека се погрешни и дека меѓу мотоциклистите има и џентлмени, доктори, професори или со еден збор кажано секакви профили луѓе.

Настанот се организира секогаш последната недела од септември според одредени правила и мора да има одлики кои се специфични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност.

– Секој учесник креира сопствен профил на глобалната страна на движењето и донира средства и сите тие донации одат во Мовембер фондацијата која потоа ги распределува за истражување, програми кои се движат за машкото здравје и превенцијата од самоубиство. Ние сме само домаќини на настанот и наша цел е само да го организираме, а собирањето на средствата оди преку интернет, појаснува Петровски.

Скопје меѓу градовите со најмногу донации

Стефановски и Петровски велат дека има тренд на зголемен интерес кај македонските граѓани за учество на настанот, но оти бројката на учесници морале да ја лимитираат од практични и безбедносни причини.

– Пред две години имавме околу 80 учесници, лани околу 110, а годинава се очекуваат повеќе. И првата и втората година имаше огромен интерес, но моравме да поставиме лимит како организатори за настанот да биде безбеден, вели Благоја, додавајќи дека фитбекот е позитивен.

Скопје е и градот со најмногу собрани финансиски средства во споредба со останатите балкански градови како Софија, Атина, Солун, Загреб, Белград, Љубљана….

– По бројот на донации годишно ние сме со две до три илјади долари. Уште од првата година сме со највисок број на донации од цел регион иако не сме најбројни, вели Благоја.

Покрај вљубениците во убавите и префинети мотори има учесници и од јавниот живот како професори, доктори, а годинава дел од дефилето ќе бидат и четири жени кои веќе официјално се пријавени и ќе возат мотоцикли.

Стефановски и Петровски не планираат да застанат тука, туку напротив од година во година да ги збогатуваат содржините на настанот и да ја анимираат јавноста. Желба им е настанот да стане дел од културната агенда на градот.

– Индиректно ние правиме промоција на главниот град и се надеваме дека тоа ќе биде препознаено, велат двајцата ентузијасти.

Во прилог на ова оди и фактот дека Скопје со видеото од настанот во 2016 година беше дел од големите градови и со најголема минутажа застапен во глобалното видео изработено во централата во Сиднеј.(МИА)