Македонски филмови од 2018 година викендов со бесплатно прикажување

Македонските филмови, кои беа поддржани со државни пари и беа реализирани и премиерно прикажани во 2018 година, викендов ќе може да се погледнат бесплатно во Младинскиот културен центар. Настанот ќе се одржува на 22, 23 и 24 февруари во киното „Фросина“.
Документарци, долгометражни, краткометражни, како и два анимирани филма ќе бидат прикажани пред јавноста како еден вид отчет на сработеното од домашната филмска индустрија.
Со наслов „Златна рамка“ оваа тридневна филмска ревија на македонски филмови се планира да биде воспоставена како пракса што ќе се случува секоја година и каде што јавноста бесплатно ќе може да ги види сите филмови кои премиерата ја имале во претходната календарска година.
Настанот е инициран и организиран од Друштвото на филмските работници, а уметнички координатор е новинарката и истражувач на македонскиот филм Ана Василевска.


– На сите креативни остварувања, а особено на филмот кој претставува најкомплексна уметност потребна, им е потребна поддршката од својата публика. „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма – информираше Василевска.
Во делот на работната програма на „Златна рамка“ е предвидено да се одржи презентација на „МЕДИА деск Македонија“ со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, како и тркалезна маса на тема „Нема кинематографија без филмска критика“ модерирана од Василевска.
На првото издание на ревијалните денови на македонски филм „Златна рамка“ под мотото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани вкупно 25 филма во три програмски целини. В сабота, на 23 февруари, ДФРМ ќе додели почесни награди за филмските професионалци и тоа за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.
– Друштвото на филмски работници смета дека секоја година ќе треба да биде прикажано сè што е сработено во минатата календарска година, да се има увид во тоа што се работи, зашто во минатото се снимани многу филмови кои никогаш никој не ги видел. Транспарентноста на филмаџиите и на Агенцијата за филм им е многу важна. Публиката ќе може да ги види филмовите што не успеале да имаат премиера или да стигнат на кинорепертоар, зашто тоа е реткост, особено за кратките и за документарните филмови – додаде Василевска.
Од вкупно 28 филма од сите категории што биле реализирани лани, на „Златна рамка“ ќе се прикажат 25. Режисерот Јани Бојаџи одбил да се прикаже неговиот филм „Ругање со Христос“, а одбиел и двајца режисери на краткометражни филмови. (И.Н.)