Македонски убавици на светските избори на убавина: Од аутсајдери – победници

Нашите убавици од аутсајдери станаа фаворити и победнички на светските избори на убавина. Високи, вити, со совршени телесни пропорции, однесување, професионализам, познавање на странски јазици, во атрактивни тоалети се рамо до рамо со светските убавици….

Нема, нема, не ќе се роди, поубаво девојче од Македонче… не е само рефрен од позната македонска народна песна туку и вистина во изминативе години.

– Веќе не сме аутсајдери кога станува збор за убавината, туку фаворити, а во последниве години нашите претставнички се закитија и со титули – мис со најубави тела и во бикини. На изборите на убавина испраќам убави, згодни и паметни девојки со совршени тела и облини, па секоја година се зголемува бројот на поканите за учество на изборите за убавина во светот и моето учество во интернационалните жирија, вели Мики Црнокрак, носител на лиценците од триесетина избори за убавина за Македонија и за просторите од ексЈу.

Меѓу поважните се: „Мис Балкан“, „Мис Европа“, „Мис Медитеран“, „Мис Евроазија“, „Мис на глобусот“, „Кралица на Евроазија“, „Мис бикини на универзумот“, „Мис бикини интернационал“, „Мис на светскиот туризам“, „Мис фешн“, „Светски топ-модел“…

– Покрај убавици, на избори испраќаме и топ-манекени и деца кои, исто така, дома се враќаат со титули, вели Црнокрак, кој по изборот за „Мис Евроазија“ во Анталија сега престојува во Бејрут, на изборот за светски топ-модел во светот.

Неговите критериуми за избор на соодветна убавица се исклучително строги. Која каде ќе патува, зависи од типот на изборот, дали е поважно телото, лицето или убавицата, комплетно.

– Битен е физичкиот изглед на девојката, а потоа и нејзиното познавање на странски јазици, однесување и професионалност, вели Црнокрак.

Промовирањето на македонската убавина во светот за нашиот соговорник е приоритет, а не личниот интерес, иако и наградите за освоената круна или лента не се занемарливи. Колку и да е девојката топ, потребни се сериозни подготовки на физички и психолошки план кои траат од три до пет месеци.

– Немаше да успееме, ако покрај мојата сериозност кон изборите на убавина и контактите со агенциите и организаторите, зад себе немав уигран тим кој постојано нè следи. Тоа се македонски дизајнери, салони за убавина и други спонзори, вели Црнокрак.

Нашите претставнички, покрај далечни и егзотични патувања, добиваат големи парични и други награди во случај на добар пласман. Титулите во Македонија пак им носат дополнителен ТВ или рекламен ангажман.

Лејла Сабит