Македонските ракометари на крстопат на ЕП: Да се биде или не вечерва против Чешка

Македонија вечерва (20.30 ч.) по петти пат ќе излезе на мегдан на Европското ракометно првенство во Хрватска. На ред е дуел со репрезентацијата на Чешка како прва од двете меч топки во Вараждин за историско полуфинале на завршните турнири. Потоа ќе следува и судир со Данска (среда, 18.15 ч.) во последната етапа во мисијата Фајнал фор. Во случај на освојување на сите четири бода, „црвено-жолтите“ ќе влезат во игра за распределба на медалите до што ќе бидат блиску и во случај на триумф и реми.

Иако е означена како „да се биде или не“, сепак, денешната едночасовна ракометна претстава падна во сенка на повредата на Кире Лазаров. Во фокусот на медиумите и јавноста е достапноста на капитенот кој се пожали на болки во пределот на задната ложа во воведните минути од натпреварот со Шпанија. Информациите од Хрватска се поделени. Според едни, првенството е завршено за ракометарот на Нант, според друго е неизвесен, а и тој самиот побара трпение во исчекување на резултати од магнетната резонанца.

Три моменти се испреплетуваат кај македонските ракометари пред вечерашниот настап. Прв е Лазаров од кого ќе зависат многу нешта. Во случај да биде оспособен за настап, ќе значи и паѓање на огромен товар од срце и кај соиграчите и кај стручниот штаб и кај навивачите. Отсуството, пак, ќе претставува ненадоместлив хендикеп во обид за дофаќање на посакувата цел. Вториот момент е, исто така, поврзан со капитенот т.е. како неговото евентуално отсуство ќе се одрази на психолошки план врз останатите во ростерот на Раул Гонзалес и третата дилема што се надвиснува е дали и колку трага ќе остави убедлвиот пораз од „црвената фурија“ во неделата.

Миркуловски: Мора да одиграме на високо ниво со или без Кире

Филип Миркуловски ќе стисне заби и ќе биде на располагање на Раул Гонзалес за дуелот со Чесите. Средниот бек на германски Вецлар е, исто така, од особено значење за националниот тим во двата правца, особено во напад. Ефектите од неговата игра „еден на еден“ како специјалност, храбрите влегувања во дуел со противнички ракометари и умешноста да асистира и да изнуди прекршок за исклучување се непроценливи за националниот тим. Вели Шпанија мора да се заборави и целокупното внимание да биде насочено кон Чешка.

„Релативно лесниот пораз од Шпанија мора да го оставиме зад нас. Нѝ следува дуел со Чешка кој очекувам да биде тежок, но со едно максимално залагање можеме да го добиеме и да ги задржиме шансите за полуфинале“, порачува Миркуловски и додава:
„Пред неколку месеци игравме со нашиот денешен противник и релативно лесно славевме со десет гола. Меѓутоа од тој меч до овој има голема разлика. Тогаш двете репрезентации беа веќе пласирани на Европското првенство, сега сме во поинаква ситуација. Мора да одиграме на високо ниво без разлика дали Кире ќе биде со нас или не“.

Гонзалес: Да се фокусираме на Чешка место на полуфинале

Раул Гонзалес на ова Европско првенство дебитира како селектор. Шпанецот навикнавме да го гледаме како постојано сугерира нешто кон ракометарите во обид да ги дигне ако почувствува дека паѓаат во играта и концентрацијата или да ги одржи во моменти во кои „црвено-жолтите“ газат по планот. Но, беше немоќен против со „црвената фурија“ која го реши натпреварот уште во почетните десетина минути.
Чешка, сепак, не е Шпанија. Тоа му е јасно и нему и на ракометарите. Потребно е потиснување на лошата вечер со „фуријата“ и насочување на новиот ривал кој не е непобедлив, но неопходна ќе максимална борбеност и дисциплина за архивирање на двата бода и останување во полуфиналниот сон.

„Треба да гледаме на мечот со Чешка наместо на полуфинале. Против Шпанија имавме двајца повредени играчи и пресуди севкупниот квалитет. Просто не издржавме, бевме далеку под нивото од претходните мечеви. Но, вечерва имаме нова прилика во која ќе треба да одиграме најдобро што знаеме. Кире Лазаров е од големо значење за овој тим меѓутоа неговиот настап е неизвесен. Ако може да игра ќе биде супер, ако не ќе мора да настапиме без него“, нагласува најдобриот тренер во Европа за 2017 година.  (С.Ѓ.Д.)

Денеска на ЕП

Група 2 (Вараждин), 4 коло

Словенија – Шпанија (18,15 ч.)
Македонија – Чешка (20,30 ч.)

Табела: Данска 6, Шпанија 4 (-1), Германија 4, Македонија 3 (-1), Чешка 2 (-1), Словенија 1 (-1).