Македонската филхармонија со Новогодишен гала- концерт

Македонската филхармонија во четврток (28 декември) во 20 часот, во големата сала, ќе одржи Новогодишен гала-концерт насловен „Полноќни огномети“, под диригентство на славниот маестро Јерухам Шаровски од Израел. Како солисти на концертот ќе настапат македонските истакнати вокални уметници кои кариерата ја градат надвор од земјата – Милена Арсовска, сопран и Иван Наумовски, бас-баритон.

Од Македонската филхармонија информираат дека по неколку години пауза, конечно го враќаат овој музички настан, кој прерасна во традиционален и кој е привлечен и за пошироката пубика, за музичките сладокусци, но и за оние што професионално се занимаваат со оваа уметност.

– Новогодишниот гала-концерт овој пат ќе понуди поинаква програма од вообичаената. Покрај танците, полките, маршевите од семејството на австрискиот композитор Јохан Штраус, публиката ќе слушне и дела од латино-американската музичка култура на автори како Пјацола и неговото „Адиос Нонино“, Монкајо со „Хуапанго“, Маркез со „Данцон бр.2“, наведуваат од Филхармонијата.

На програмата се и дела од Бизе со Арија на Ескамијо од операта „Кармен“, Пучини со aрија на Музета од операта „Боеми“, Гуно со aрија на Јулија од операта „Ромео и Јулија“, Лара со „Гранада“ итн. Се разбира, неизбежни се валцерите „Пролетни звуци“, „Виенски бонбони“, „Виенска крв“, „На убавиот син Дунав“, или „Џокеј полка“, „Египетски марш“…

Сопранот Милена Арсовска и баритонот Иван Наумовски се едни од најистакнатите македонски уметници од поновата генерација.