Македонија шокирана од Грција, Лазаров: Срамота

Македонската ракометна репрезентација доживеа тежок пораз во квалификациите од ЕП 2020 година. Попладнево, подобри од Лазаров и друштвото беа грчките ракометари, кои во Кожани славеа со 28-26 (10-12) и забележаа историска победа, имајќи предвид дека станува збор за репрезентација што е меѓу послабите во Европа и која никогаш не се пласирала на некое големо натпреварување. Но, и тие беа пресилни за Македонија, која по минималната победа над Турција, очигледно не успеа да се подигне и да заигра на повисоко ниво.

Во таков блед натпревар, непотребно е да се истакнува кој бил помалку лош од останатите. Во другиот натпревар од групата, Исланд ја декласира Турција, па води со четири бода, додека Македонија и Грција имаат по два. Двете првопласирани тимови ќе обезбедат пласман на европската смотра.

„Она што го говорев по дуелот со Турција, дека многу грешиме и мораме да играме далеку подобро, очигледно не ме разбраа и послушаа па денеска ги повторивме истите грешки. Секако дека сум разочаран, одигравме уште еден многу слаб натпревар во кој бевме далеку од нивото на кое знам дека можеме да играме. Потфрливме на мечот на кој моравме да победиме, ова е срамен пораз и шлаканица за сите нас. Има уште да се игра во овие квалификации, шансите за ЕП воопшто не се загубени, но ќе мора да смениме многу работи во пристапот и играта на наредните дуели“, изјави капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров.