Македонија убедливо поразена од Шпанија

Македонската ракометна репрезентација го доживеа вториот пораз на Светското првенство, откако беше поразена од Шпанија во четвртото коло со 21:32 (12:13).

Македонија одигра одлично прво полувреме, во кое заминавме со негатива од само гол, но по само неколку минути во вториот дел го загубивме мечот. Шпанија за три минути на почетокот од второто полувреме направи серија од 5-0, поведе со 6+ и победникот беше решен. Селекторот Раул Гоналзес потоа ги извади најдобрите ракометари и шанса им даде на оние со помала минутажа.

Најефикасен во нашиот состав беше Пешевски со 6 голови, Кире Лазаров постигна пет, а Никола Митревски имае дури 15 одбрани. Де Варгас на другата страна имаше 16 одбрани, a омез беше најефикасен кај победниците со 6 гола.

Македонските ракометари утре во 18 часот го играат решавачкиот натпревар за пласман во втората рунда против Исланд за третото место во групата.

Раул: Исланд е силен противник, но верувам дека можеме да го победиме

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалез по поразот од Шпанија вечерва изјави дека почетокот на второто полувреме бил клучен за поразот, кога противниците направија серија од 5-0 и поведоа со 6 гола разлика.

– Секогаш е тешко да се игра против Шпанија, бидејќи, според мене, тие ја имаат најдобрата одбрана во светот. Одигравме одличен прв дел и губевме еден разлика, но на почетокот на второто полувреме загубивме три топки за 30 секунди и го загубивме натпреварот. Потоа решив да ги променам клучните играчи за да ги сочуваме за клучниот натпревар утре, зашто знаев дека немаме шанса, изјави Раул на пресот по мечот.

Во однос на утрешниот меч против Исланд, слекторот на Македонија смета дека ако играме како денес во првото полувреме, имаме реална шанса за победа над „рибарите“.

– Исланд е силен противник, но верувам дека можеме да го победиме. Треба да се одмориме, па да разговарам со ракометарите како се чувствуваат физички, па потоа ќе анализираме и утре ќе се подготвуваме, заврши Раул.

Лазаров: Дуелот со Исланд е како финале за нас

Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров по поразот од Шпанија вечерва изјави дека „жолто-црвените“ треба се размислуваат за мечот против Исланд, кој го определи како „финале“ на ова Светско првенство за Македонија.

– Одигравме квалитетно прво полувреме. Заслуживме да водиме три-четири голови разлика во првото полувреме, но не ги искористивме шансите. Со Шпанија чувавме сила, мора да се смириме и да размислуваме за наредната средба. Мора да го заборавиме овој дуел. За нас дуелот со Исланд е финале на ова Светското првенство, изјави Лазаров.

Во однос на утрешниот меч со Исланд, капитенот посочи дека „рибарите“ се незгодна селекција, но најави дека ќе дадат сè од себе за да победат.

– Исланѓаните досега покажаа квалитет, добра селекција се, имаат играчи кои играат во добри клубови. Предводник им е Палмарсон, играат скандинавски ракомет. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе, додаде Лазаров.