Македонија со пад од 28 места на листата на „Форбс“ за водење бизнис

Македонија е рангирана на 63 место во светот на листата на најдобри земји за водере на бизнис која ја објавува американското списание Форбс.

Тоа е пад од 28 позиции споредено со ланското рангирање каде што Македонија се наоѓаше на 35 позиција во светот.

Американскиот магазин мери 15 различни сегменти на развој на бизнисот, вклучувајќи ги и даноците, лична и економска слобода, бирократија, правата на сопственост, иновации, корупција, технологија, трговска и монетарна слобода и заштита на инвеститорите.

Оваа година на прво место од вкупно 153 земји како најдобра за водење бизнис е Велика Британија. Втора најдобра земја за бизниси е Нов Зеланд, на третото место е Холандија, на четвртото Шведска, а петта е Канада. На дното на листата се Авганистан, на 150, Хаити на 151, Гамбија на 152. и Чад на 153.

Во регионот, најдобро рангирана е Словенија (32), Хрватска е рангирана 51-та, Црна Гора на 68, Србија на 69-то место, Албанија е 71 и Босна и Херцеговина на 97-то место.