Македонија против Романија во баражот на Светското првенство во 2019 година

Романија ќе биде противник на машката ракометна репрезентација на Македонија во јунскиот бараж за пласман на Светското првенство во Германија и Данска што ќе се одржи во јануари следната 2019 година.
Ова е епилогот од денешната ждрепка одржана во загрепска „Арена“ на претпоследниот дел од Европскиот шампионат во Хрватска.
Македонските ракометари првиот меч ќе го играат на гостински терен во периодот од 8 до 10 јуни, а реваншот во Скопје ќе се игра меѓу од 12 до 14 јуни.
Во останатите бараж дуели ќе играат:
Србија – Португалија,
Литванија – Исланд
Чешка – Русија,
Словенија – Унгарија,
Белорусија – Австрија
Холандија – поразениот од мечот Шпанија или Шведска,
Норвешка – победникот од мечот Швајцарија или Босна и Херцеговина.
Хрватска – Црна Гора,
Покрај Германија и Данска кои ќе бидат ко-домаќини на Мундијалот кој ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019-та, како и Франција која е актуелен светски шампион, за европските селекции останува уште едно место, а тоа е резервирано за Европскиот првак, односно победникот од финалниот меч меѓу Шпанија и Шведска кој ќе се игра утре.