Македонија против Косово во полуфиналето на Лигата на нациите

По триумфот над Азербејџан од 4:0, репрезентацијата на Косово ќе биде  противник на Македонија во полуфиналето од разигрувањето за пласман на Европскиот шампионат.

Во решавачкиот дуел на стадионот „Фадил Вокри“ за првата позиција во  третата група од Д лигата, Косово го декласираше Азербејџан, а прва ѕвезда на натпреварот беше Арбер Зенели кој три пати се запиша во листата на стрелците.

Македонија ја освои првата позиција во групата 4, пред Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн, со што веќе избори пласман во повисок ранг, во лига Ц.

Во второто полуфинале во Д Лигата на нации ќе играат Грузија и Белорусија. Победниците во полуфиналните мечеви ќе разигруваат во финале за место на Европското првенство во 2020 година.