Македонија остана без претставник во АБА лигата

Собранието на АБА лигата на денешниот состанок донесе одлука да не се проширува регионалното натпреварување со што Македонија останува без претставник во најсилната конкуренција на просторот на поранешна Југославија.

На официјална веб-страница на АБА беше објавено дека лигата и во наредната сезона ќе има 12 тимови, а исто толку ќе се натпреваруваат во АБА2.

Во следната сезона ќе се натпреваруваат: Црвена Звезда, Партизан, Мега Бемакс, ФМП од Србија, Цедевита, Цибона, Задар од Хрватска, Будуќност и Морнар од Црна Гора, Олимпија од Словенија, Игокеа од БиХ, и шампионот од Втората лига.

МЗТ Скопје како последен на табелата испаѓа од елитното друштво и се сели во АБА 2.

Клубот од Аеродром, сезонава оствари само три победи, но се надеваше на зголемување на бројката на учесници во АБА од 12 на 14, што ќе значеше и избегнување на најлошото.

Меѓутоа оваа одлука е лоша вест и за Работнички, бидејќи без очекуваното проширување и тие ќе мора да почекаат за влез.

Сите земји од регионот ќе имаат можност да пријават по два тима за АБА2, па останува да се види дали тимот од Градски парк ќе прифати да биде дел од втората лига, откако минатото лето одби таква опција.

Како главна причина за оваа одлука на АБА се наведуваат зголемената финансиска конструкција за која се немало покритие со моменталните спонзорски договори, како и немањето термини за дополнителните средби.

Доколку не дојде до значителни промени во европската кошарка овој систем на натпреварување нема да се менува до крајот на сезоната 2024/25.