Македонија на мегдан со Гибралтар: По победа за Горан Пандев

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 ч.) на арената „Филип Втори“ против Гибралтар става печат на три момента. За победа во групата 4 во Д Лигата на нации, за преселба во повисок ранг (Лига Ц) во наредното издание на натпреварувањето и на крајот на краиштата најважното – пласман во плејофот за Европското првенство во 2020 година.

За разлика од мечот во Вадуц во петокот што поради тахикардија и несоница беше поштеден, Аријан Адеми овојпат е опција за селекторот Игор Ангеловски. Но, не и Горан Пандев. Капитенот влезе во судискиот бележник во средбата со Лихтенштајн што по автоматизам значи пропуштање на завршниот настап на националниот тим во групната фаза.

„Гибралтар е селекција што е ориентирана на одбрана и на контранапади. Но, важно е како ние ќе одиграме. Се надевам во наше добро светло и што побрз гол за отворање на противникот. Мотивите се познати, најважна е победата. Пандев нема право на настап и сакам сите да одиграат за капитенот“, истакна Ангеловски.

Во отсуство на Пандев, кој на наредниот меч ќе одбележи јубилеен 100 настап во националниот тим, капитенската лента вечерва ќе биде на раката на Иван Тричковски.

„Судбината е во наши раце. Со играта што ја негуваме, победата не треба да претставува проблем. Потребен е фокус на највисоко можно ниво. Сите очекуваме триумф, но поради дефанзивната ориентација на Гибралтар нема да биде лесно“, изјави Тричковски во најавата за натпреварот.
Ангеловски за вечерашниот меч ќе смета и на Езџан Алиоски и Елиф Елмас ко, исто така, не настапија во победата над Лихтенштајн во петокот со 2:0.
Македонија е лидер во групата со 12 бода, Ерменија е втора со 9, Гибралтар е трет со 6 и на дното е Лихтенштајн со три бода.