Македонија и Косово ќе формират заедничка економска зона

Премиерот Зоран Заев, во рамки на еднодневната официјална посета на Косово, заедно со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, денеска во Приштина имаше средба со претставници на бизнис заедницата на оваа земја.

Заев, како што стои во соопштението од владината прес-служба, истакнал дека се остварени инспиративни средби, особено во делот на развојот на економските врски меѓу двете земји.

– Инфраструктурните објекти, автопатот, ќе биде дополнителна мотивација за унапредување на соработката во бизнисот, меѓу деловните луѓе, посочил македонскиот премиер.

Во обраќањето во Приштина, Заев ги повика косовските бизнисмени да го инвестираат својот капитал во Македонија, за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата.

– Политиките на отворени врати, засилената добрососедска и регионална соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија. Создаваме стабилна бизнис клима и одржлив економски модел што Македонија ја позиционира како крајна и стабилна бизнис дестинација за инвестирање, истакнал Заев.

Косово, како што посочил премиерот, е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, трговската размена се одвива слободно, без царини и во неа Македонија остварува суфицит. Во 2016-та имаше пораст на обемот на трговската размена.

– Можеме и мораме да ја унапредиме и зголемиме трговската размена, истакнал Заев.

Македонија и Косово, информирал тој, покренаа иницијатива за формирање заедничка економска зона, царинска унија и олеснување на граничните процедури.

– Имаме заеднички интерес и за формирање на заеднички компании и оператори за менаџирање на енергетската мрежа, железничкиот и авио-сообраќајот. Повеќе македонски компании имаат свои претставништва на Косово. Во исто време има инвестиции од Косово во Македонија, рекол македонскиот премиер додавајќи дека има услови и можности оваа статистика да се промени на подобро.

Заев изрази надеж дека наскоро ќе биде завршен автопатот Скопје-Приштина.

– Настојуваме делницата Скопје-Блаце, во должина од 12.5 километри, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата. Новиот автопат ќе ја олесни комуникацијата меѓу Скопје и Приштина, ќе го зголеми транспортот и трговијата, и ќе ја унапреди економската соработка, рекол Заев на средбата со косовските бизнисмени.