Македонија и годинава без убавица на „Мис на светот“ во Кина

Македонија и годинава нема да има своја претставничка на најпрестижниот избор на убавина „Мис на светот“ на 8 декември, на островот Санија во Кина. Десет дена го чекавме одговорот на Лидија Велковска, сопственичка на лиценцата за „Мис на Македонија“ за „Мис на светот“, кој на крајот беше кус: Не, оваа година.

Деведесет убавици од целиот свет ќе се натпреваруваат за титулата, сопственост на семејството Морли од Англија. Втор по престижност е изборот „Мис универзум“.

Македонија веќе трета година по ред ја нема на „Мис на светот“, најмногу поради немање финансии. Од 1996 година, откако е сопственик на лиценцата, Лидија има проблеми со обезбедување спонзорства за авионската карта и за гардеробата на македонската убавица.

Од година во година, македонскиот избор се случуваше јавно, интерно, во престижни локации или во ресторани. Во неколку наврати, Велковска бараше финансиска помош и од државата, како и од сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова.

Лидија е поранешна мис на Југославија. На изборот „Мис на светот“ во 1975 година во  Лондон, таа го освои високото четврто место. По таа линија ја доби лиценцата која парично се откупува и има важност долги години, иако Велковска ниту еднаш не се изјасни на колку години ја поседува лиценцата и во кои случаи може да ја изгуби.

Последна и сè уште актуелна мис на Македонија е Емилија Розман, наша позната манекенка, дипломиран дефектолог и волонтер во Црвениот крст.

Ланската мис на светот е Мануши Чилар од Индија. (Л.С.)