Ракомет: Македонија е прва во групата

Македонија го освои првото место во групата пред европскиот првак Германија. Натпреварот штотоку заврши со нерешен резултат 25:25.

На овој начин „црвено-жолтите“ без пораз и со пет бодови ги завршуваат настапите на 1.место во Ц-групата на шампионатот во Загреб.

По овој исход Македонија има големи шанси за висок пласман. За полуфинале би требало да и бидат доволни уште два триумфа на следните три меча.

Средбата со Германците помина во многу резултатски пресврти. Македонија добро го почна натпреварот и во два наврати водеше со три голови разлика (5:2 и 6:3). Возврати противникот во иста мера и на три пати водеше со три разлика за на пауза да се отиде со 12:11 за Германија. Нашите ракометари добро го почнаа и второто полувреме и повторно ја направија максималната предност (19:16) некаде на петнаесетина минути пред крајот. Упорниот противник не се предаде и во последните осум минути се влезе со нерешени 21:21. До крајот се играше гол за гол, Стоилов промаши зицер на 15 секунди пред крајот, а Германија не го реализира последниот напад.

Со шест голови најефикасен во македонскиот состав беше Филип Талески, Кире Лазаров постигна пет. На голот Борко Ристовски забележа 12 одбрани.

За македонската репрезентација ова е прв освоен бод во петтиот дуел со „панцирите“ на големите натпреварувања.

Македонија продолжува со настапи на ЕП во новоформираната група 2 која ќе се игра во Вараждин. Нашата репрезентација ќе пренесе три бода во пресрет на дуелите со Шпанија, Данска и на Чешка

Македонската ракометна репрезентација против актуелниот европски шампион Германија во Загреб го одигра последниот меч од првата фаза на шампионатот во Хрватска. Во вториот меч од групата Ц во 20,30 часот се среќаваат Црна Гора и Словенија во директен дуел за патник во втората рунда од шампионатот.

Двете селекции по првите две кола го обезбедија своето учество во втората фаза од натпреварувањето, така што денешниот меѓусебен дуел беше директна борба за пласман на првата позиција во групата, односно борба за што повеќе пренесени бодови во втората фаза во Вараждин.