Македонија загуби од Чешка и изгуби шанса за пласман во полуфинале

Во вториот натпревар од втората фаза на Европското ракометно првенство вечерва во Вараждин, Македонија загуби од Чешка со 25:24.

По овој пораз македонските ракометари ги загубија шансите за висок пласман.

Бодрени од преку 3.000 навивачи „црвено-жолтите“ имаа одличен почеток и по девет минути водеа со 4:1. Три минути подоцна Кирил Лазаров од пенал зголеми на плус 4 (6:2). Истата предност македонските репрезентативци ја имаа и во финишот на првото полувреме (12:8), но во последните пет минути пропуштија неколку напади со играч повеќе да го зголемат водството. Тоа го искористија Чесите кои во финишот ја преполовија предноста на Македонија и на полувреме резултатот изнесуваше 13:11.

Со три гола во серија на Филип Талески во 38.минута македонските ракометари за прв пат имаа плус пет (17:12). Чесите беа упорни и на 12 минути пред крајот повторно се доближија на два гола (21:19). Во следниот напад Филип Миркуловски зголеми на 22:19. Со серија од 3:0 во 53. минута резултатот беше изедначен (22:22). На четири и пол минути до крајот Лазаров не реализира пенал за враќање на предноста, а на спротивната страна Чешка погоди за прво водство на натпреварот (24:23). До крајот двете репрезентации постигнаа по еден гол за конечен триумф на чешката селекција.

Дејан Манасков имаше можност да израмни со пеналот што го шутираше во последната секунда, но голманот на Чешка одбрани.

Втората групна фаза македонската репрезентација ја завршува утре со натпреварот против Данска закажан за 18 часот.

Табела Група 2: Данска 6 бода, Шпанија 4, Германија 4, Чешка 4, Словенија 3, Македонија 3.

Раул: Немавме среќа

Селекторот на Македонија Раул Гонзалес по поразот од Чешка рече дека е пропуштена голема шанса за висок пласман.

– Одигравме многу добар натпревар. Немавме среќа во последните 15 минути. Противникот во второто полувреме одигра многу подобро. Ние пропуштивме шанса да го освоиме третото место во групата и да се бориме за петто и шесто место на шампионатот. Сега веќе не сме во таква позиција, изјави Раул.

Тој додаде дека со Данска ќе биде многу тешко да се остане непоразен.

– Нашата шанса беше денес. Чешка беше зад нас, а сега не помина. Утре ќе биде многу поразличен натпревар, истакна македонскиот селектор.

Миркуловски: Ваква шанса повеќе нема да имаме

Филип Миркуловски кој го пропушти дуелот со Шпанија, вечерва се врати на средбата со Чешка и одигра уште еден натпревар на кој покажа како се бранат боите на репрезентацијата, но за жал на крајот Македонија загуби (25:24) речиси добиен меч.

– Се на се, добро одигран натпревар до 50. минута кога паднавме, и кога направивме неколку неискусни грешки. Криво ни е за овој натпревар. Имавме голема шанса, имаме квалитет, имаме публика, но можеби најбитното ни недостасува, а тоа е карактер што е најбитно за вакви натпревари, за вакви првенства. Никако да го направиме тој чекор понатаму. Утре ќе излеземе со Данска да одиграме колку што можеме. Штета, пропуштена е голема шанса. Вакви шанси повеќе нема ни да имаме како оваа генерација, изјави Миркуловски.