Македонија в четврток го почнува скрининг процесот за преговорите со ЕУ

Македонија в четврток го почнува скрининг процесот за преговорите со ЕУ.

Во Европската комисија во Брисел в четврток заминува 40 члена делегација составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи, која ќе го започне скринингот за поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права. Во делегацијата ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.

Вицепремиерот Османи вчера на прес-конференција рече дека почетокот на т.н. објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Македонија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ.

Отворањето на првото од 33 поглавја од првата фаза значи дека ќе има 33 посети на Брисел или над 1.000 луѓе кои ќе земат учество во овој објаснувачки скрининг. Потоа ќе се подготвува втората фаза или т.н билатерален скрининг што ќе биде уште покомплексен и пообемен.

Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година по што треба да започнат и преговорите за членство во ЕУ.

Со цел да можат да се вклучат сите кои сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти. До 10 октомври заинтересираните треба да достават работна биографија и мотивациско писмо со наведено поглавје или подтема за која има експертиза.

Администрацијата и институциите ќе бидат носители на овој процес, но неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители на општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата.

Советникот за евроинтеграциите Бојан Маричиќ кој е и главен технички преговарач вели дека целта е создавање база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ за ангажирање на краток или долг рок, во текот на целиот процес.

Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство со земјата-кандидат. Како процес, тој има за цел, од една страна – да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјата- кандидат.

Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата.

Македонија во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 аплицираше за членство, а во декември 2005 се стекна со статус земја-кандидат.

Во 2009 година по извршени длабоки реформи во клучните области, ја доби првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим. Оттогаш, девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини, досега тоа не се случи.

Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Европскиот совет на 26 јуни ја поддржа одлуката за условен почеток на преговори со Македонија, што треба да се отворат во јуни 2019. Тоа ќе зависи од исполнување на четири услови – спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на Договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.