Македонија втора во Европа по смртност на новороденчиња

Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа, веднаш по Молдавија. Во земјава, едно од 120 бебиња ја губи битката за живот во првиот месец по раѓањето, објави организацијата УНИЦЕФ на почетокот на кампањата која треба да стави крај на овој поразителен тренд.

Уште позагрижувачки е фактот што осма година по ред во Македонија се зголемува стапката на смртност за разлика од Србија, Босна и Херцеговина и Словенија, каде оваа бројка е во константен пад.

„Македонија отсекогаш имала највисока стапка на смртност на  новороденчиња во овој дел од Европа. Ова е долгорочен проблем, но она што загрижува е зголемената стапка на смртност од 2010 до 2018 година. Она што е неопходно е да се адресира недостигот на здравствени посети, односно  прегледи на бремените жени како и нивниот пристап до одделенија за пренатална грижа, квалитетот на работа на здравствените институции како и однесувањата ризични за бременоста. Да се подобри и механизмот за мониторирање на смртноста и причините за неа“, вели Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.

Според листата на светската организација, најлоша е состојбата со смртноста на новороденчињата во Пакистан, каде умира едно на 22 новороденчиња, а најдобро пласирана е Јапонија на 184-т0 место, со само еден смртен случај од 1.111 новороденчиња.

Овој месец, УНИЦЕФ почнува со глобална кампања „За секое дете, ЖИВОТ“,упатува и итен апел до владите за вработување и едукација на здравствените работници, но и за подобрување на условите за живот.