Лузер фест: Скопскиот бенд „Conspiracy“ е годинашен победник


Младиот скопски бенд „Conspiracy“ е годинашниот победник на Лузер фест, настан посветен на промоција на новите музички артисти кој во организација на Таксират се одржа викендов во МКЦ.

„Conspiracy“ во денешниот состав постои од 2016-та година, а станува збор за вистински вљубеници во треш метал звукот, кои со својата музика сакаат да придонесат за враќањето на овој музички правец на нашата македонска сцена.

Иако постојат само една година, „Conspiracy“ дефинитивно не ја чуваат својата музика само за во гаража и се трудат што е можно повеќе својата работа да ја претстават пред публиката, па покрај настапот на Лузер Фест, зад себе веќе имаат и десетина настапи на различни музички манифестации и во скопските клубови. Членови на „Conspiracy“ се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам гитара), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара).

Заедно со „Conspiracy“, на Лузер Фест годинава настапија вкупно седум финалисти: „Bona Dea“, „Dark Sky“, „Каин“, „Man in a suit“, „Sybil“ и „Triggered“, како и гостите на вечерта, скопскиот дует „Schwartzen“. Сите овие млади музички бендови на вистински професионален начин се претставија со одлични настапи и само можеме да посакаме што почесто да ги гледаме на сцената кај нас.

Со Лузер Фест викендов воедно беше означено и затворањето на програмата на 19-тиот Таксират Фестивал во чии рами изминативе десетина дена се одржуваа повеќе различни настани. Програмата започна со меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал, на кои од 30-ти ноември до 2-ри декември во МКЦ македонската музичка јавност имаше прилика да се дружи и дискутира на актуелните теми со огромен број делегати и музички професионалци од цела Европа, додека пак во вечерната програма публиката уживаше во повеќе од 30 музички концерти и настапи кои беа организирани со бесплатен влез.

Веднаш по ПИН, програмата на Таксират продолжи со промотивниот концерт на „Плутос Даутс“, групата која во 2015-та како победник на Лузер Фест беше наградена со снимање и објавување на албум под капата на Пасворд продакшн, а која во оваа прилика за првпат концертно го претстави токму ова издание, нивниот студиски првенец „Сизиф“.

Следен во низата настани беше концертот на Дарко Рундек, еден од најреномираните музички автори во регионот кој на целосно распродадениот концерт го претстави специјалниот музичко-сценски перформанс „Apocalypso now“ од истоимената актуелна турнеја со која тој ја одбележува 20-годишнината од објавувањето на неговиот соло-првенец „Апокалипсо“.

Таксират годинава ја претстави и соработката со Десонанц фестивалот на електронската музика кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, а кој се погрижи за клупската програма со исклучителните настани.