Лудило во Франција: Аматери во финалето на Купот

Каква приказна ќе биде тоа на 7 мај во Париз… Аматери од третата лига ќе играат во финалето на фудбалскиот Куп, веројатно против една од најскапите екипи на светот-ПСЖ. Ле Арбиерс, така се вика клубот, влезе во финалето откако победи уште еден третолигаш-Шамбли, а работата да биде уште подобра, мечот не се играше ни кај едните, ни кај другите. Имено, стадионот на Ле Арбиерс прима 5.000 гледачи, а оној на Шамбли пет пати помалку, па натпреварот се играше на легендарниот Ла Божоаре, домот на Нант. И го срушија рекордот. Присуствуваа 34.653 навивачи, што е најмногу во историјата кога играат третолигаши.

„Ова е лудница, само не знам како ќе ја водам екипата во Европа, бидејќи немам лиценца“, рече Стефан Масала, 41-годишниот тренер на Ле Арбиерс.

 

Масала е роден токму во Нант, недалеку од стадионот каде што го избори финалето. Тренер станал сосема случајно откако му откажале на главниот тренер, а никој не сакал да се нафати: мала плата, лоши услови, екипа во распаѓање… Тој ги познаваше момците, влезе во соблекувална и одржа говор.

„На две плочи ни нацрта дека се е можно, и еве не во финалето на Купот“, вели напаѓачот Клод Кутоб Наото.

Од 1947 година досега, клубот промени 25 тренери. Инаку, Ле Арбиерс е мало место од 15.000 жители, а во него опстојуваат 44 клубови со 5.300 спортисти. Станува збор за фудбал, кошарка, ракомет, рагби, одбојка, пливање, јавање, атлетика…

Во финалето ги чека победникот од мечот Кан-ПСЖ. Би требало да се случи чудо, па парижаните да не играат за трофејот. Последен пат еден третолигаш стигнал до финалето на францускиот куп во 2012 година кога Куевил на Стад де Франц загуби од Лион со 1-0.