Лоба среќна што доби македонско државјанство: Се чувствувам како Македонка

Поп-пејачката Викторија Лоба (29) е среќна што доби македонско државјанство.

-Се чувствувам како Македонка. Заслужувам и сум почестена што и официјално станав Македонка. Прв пат аплицирав за државјанство пред неколку месеци, и сега дојдов на ред . Дваесет и една година живеам во Скопје и планирам да останам да живеам во Македонија. Имам музички и бизнис планови кои ме врзуваат со оваа земја, ни изјави Викторија.

Пејачката и по мајка и по татко е Русинка. Родена е во Таганрог, на Црното море, родното место на славниот писател Чехов, што со гордост го потенцира. По завршувањето на првото оделение, со мајка и Татјана доаѓаат во Македонија.

-Мајка ми работеше за руска фирма во Скопје, подоцна тука и се омажи. Од 8 години сум во Скопје каде го продолжив основното образование. Завршив средно-музичко училиште , отсек соло пеење, раскажува Лоба.

Порано почесто одела на гости во Русија, сега поретко.

-Членовите на потесното семејство, за жал, не се меѓу живите. Почесто одам во Москва заради бизнис релации. Имам роднини и во Белорусија кои ги посетувам кога можам, вели Викторија.

Лоба месецов ќе сними два спота. Еден за песната со дуетот со Тајзи, кој ја компонира Роберт Билбилов, а друг за нејзина песна. Годинава планира да го објави и новиот албум, а се спрема и за Евровизија.

Државјанството го добила врз основа на начелото дека осум години легално престојувала во Македонија.

„Владата на Република Македонија на своите седници одлучува по 3-4 барања за македонско државјанство. Овој процес е сосема вообичаена административна процедура која се случува во континуитет. Откако службите ќе ја добијат целосната документација, одредено барање за добивање државјанство на РМ, како посебна точка, се става на дневен ред на седницата. Викторија Лоба поднела барање за македонско државјанство до Министерството за внатрешни работи по основа за пријавен законски престој во РМ непрекинато осум години. Владата го разгледа нејзиното барање и во петокот, на својата 51. Седница, одлучи да ѝ даде македонско државјанство“, ни изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Македонско државјанство се стекнува со потекло, раѓање на територијата на Република Македонија, природување и меѓународни договори, наведено е во Законот за државјанство. Таму е предвидено дека странски државјани можат да добијат македонско државјанство ако ги исполнуваат и критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство.

Меѓу најпознатите личности што се стекнале со македонско државјанство се Лино Червар, Немања Прибак, Лестер Бо Мекејлеб, Стевица Ристиќ, Агиналдо Брага од спортски интерес, Сергеј Самсоненко од економски интерес, актерот Раде Шербеџија од културен интерес и многу други.

Викторија Лоба , поп-пејачка со ангелска убавина, ја освојува сѐ повеќе македонската поп-сцена, ама со својата професионалност и изглед е интересна и за комерцијалните брендови. Лани заплива и во манекенските води како заштитно лице на домашната компанија за долна облека „Сара фешн“.

– Јас сум артист и тоа вклучува повеќе таленти и, секако, многу одговорна работа што јас со широко срце ја прифаќам зашто ме прави да се чувствувам слободна, среќна и исполнета – вели Лоба за своите ангажмани.

Лејла Сабит