Лоба сними спот на -10: Баладата „Херој“ му ја посветувам на мој драг пријател

Баладата „Херој“ е новата песна на Викторија Лоба за која се промовираше видеозапис на нејзиниот јутјуб-канал. Нумерата е во етностил, комплетно напишана и продуцирана од композиторот Роберт Билбилов.

„Херој е песна која буди многу емоции, посветена на мој многу драг пријател и за сите вас кои имате свој херој во животот. Роберт Билбилов ја напиша и ја продуцираше во истиот ден, а јас ја испеав во еден здив. Би сакала токму оваа балада да остави белег кај љубителите на македонската музика. Ова е нешто ново и различно од мојата музичка палета која ќе биде дел од новиот албум“, вели Лоба.

Видеозаписот е сниман на убавините на планината Водно, снимен од страна на Дарко Митев и продуциран од Даниел Јовески.

„Спотот го снимавме на најладниот ден во Скопје, навистина ѝ се заблагодарувам на целата екипа што на -10 Целзиусови степени даде сѐ од себе да направиме светско видео. Сигурна сум дека видеото ќе ви ги разбуди вашите емоции и ќе уживате во снежните пејзажи на скопско Водно“, додаде Лоба.

Песната е планирана да се препее и на англиски јазик, како и да се промовира на европските пазари.