Лила Филиповска за „Независен“: Во 2019 сакам вистински да се заљубам

На водителката Лила Филиповска ѝ се исполни желбата три дена да почувствува вистинска студена зима со снег. Да го почувствува адреналинот на врвните скијачи, да се дружи покрај камин со топол чај и да се релаксира во топол базен со минерална вода… На лице место да дознае колку е омилена меѓу фановите од Македонија кои сакаа да се фотографираат со неа…

Таа, пак, омилените фотографии од патувањето во зимските центри Банско и Боровец, заедно со новинарска екипа од Скопје, ги сподели на социјалните мрежи, каде што ја следат 146 илјади следбеници…

На ски-патека, на гондола, на базен, во бањарка, со појадок во постела… Лила крена прашина во македонската јавност.

Дали сакаш зима? На што те потсетува?

-Искрено ги сакам сите годишни времиња… Не сум една од оние што сакале да живеат на места каде што е постојано топло и сончево. Затоа што сум сфатила дека ми станува досадно кога е климата иста и непроменлива. Затоа што секоја доба си има своја убавина во која уживам. Мора да признам дека малку ми недостасуваат зимите од пред десетина години. Со многу снег и ниски температури. Јас велам, ако веќе е зима, нека е ладно и нека има снег. Тогаш домовите имаат посебна топлина. И дружењата се некако потопли и имаат посебен шмек. А најубави се дружењата покрај каминот, понекое ќебе и топол чај…

Кој зимски спорт те воодушевува?

– Го сакам скијањето, спустот, но сепак најинтересни ми се скоковите… фасцинантен ми е тој спорт, кој е спорт само за најхрабрите и најдобрите и посакувам да сум барем за момент на нивно место за да го почувствувам тој адреналин и чувството дека леташ!

Најубав зимски одмор досега?

-Неколку години за време на зимскиот одмор одев некаде на топло. Бев во Мајами, па на крстосување по Карибите, ама сега инсистирам да уживам вистински во зимата, посетувајќи некои зимски центри.

А зимски центар?

– Ги сакам Шапка и Маврово, сум била и на Копаоник, ама мислам дека во последно време бугарските зимски центри Банско и Боровец стануваат сериозни свратилишта за љубителите на зимскиот спорт. Одлична организација, феноменални патеки, одлични хотели со сите можни тинтрања се причина за огромниот број посетители како од регионот така и од Европа.

По што ќе ја паметиш 2018?

– Минатата година, за среќа, не е година што би сакала да ја заборавам… Напротив, може да ми се повтори ама да биде и подобра. Мојот телевизиски проект „Сè или нешто“  на ТВ Сител и понатаму е најгледан формат, здравјето ме служи, најблиските ми се добри , мојата работа на социјалните мрежи како инфлуенсер станува сè посериозна и поплатена…

Што си посака во 2019?

– Можеби за оваа година ќе посакам вистински да се заљубам… Иако не знам дали е тоа баш паметно…. ама ако се случи, нема да се бунам.

Лејла Сабит