Лика бил поразен во битката за функции

Кога пред една година неговиот соборец од 2001 година даде амин Хазби Лика да седне во вицепремиерската фотелја на „Илинденска“, веројатно лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сметал дека на тој начин ќе го спречи ширењето на внатрепартиските пламени и дека ќе го смири незадоволството кај т.н. воено крило на „интегративците“. Но работите, очигледно, не одат во таа насока.
Преседанот што беше направен – организатор на годишнината од Рамковниот договор премиерно да биде Секретаријатот за европски прашања, наместо Секретаријатот за Рамковен договор донесе втор преседан – првпат вицепремиерот за Рамковен не присуствуваше на годишнина од потпишувањето на документот. Од Владата рекоа дека причина за „рокадата“ е темата – евроинтеграциите, како и напредокот кон ЕУ и НАТО, а Охридскиот договор е една од клучните одредници на евроинтегративниот пат.
И покрај обидите, вчера не успеавме да добиеме став од вицепремиерот Лика зошто не дојде на прославата на која присуствуваше дури и неговиот претходник Муса Џафери со кого, според информациите, исто така не бил во добри односи. Тој не се појави ниту на вчерашната седница на Владата.
Извори од ДУИ коментираат дека причината за дистанцирањето на Лика се заладените односи со лидерот Ахмети, кој, наводно, го загубил трпението и не сакал да ја толерира, како што велат, неговата неагилност. Според неофицијални информации, незаинтересираноста на Лика е директна последица на неговото незадоволство од тоа што воопшто не се слушал неговиот глас кога е во прашање партиската кадровска политика. Тој, наводно, не успеал да истурка неколку свои предлози за директори или заменици на важни државни институции и јавни претпријатија, а наводно тиквата целосно пукнала кога функцијата заменик директор на Царинска управа припаднала на скопското крило на ДУИ, предводено од Беќир Асани. Лика, освен што извисил во прераспределбата на високи функции на централно ниво, според одредени информации, ги губел битките и на локално ниво, во неговото Тетово, како што неофицијално бил случајот со лобирањето негови блиски луѓе да добијат лиценца за автошкола кога „пленот“, наводно, го однеле оние што ги фаворизирал пратеникот Џевад Адеми. Лика важи за близок со градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, кој тера втор мандат, како и со министерот за економија Крешник Бектеши, за чија работа, како што беше објавено, членовите на централното претседателство на партијата, исто така, имале забелешки.
Медиумите минатиот месец информираа дека Лика токму поради кавгата со Ахмети ретко се појавува на работното место. Од Владата промптно реагираа и рекоа дека сите членови, вклучувајќи го и Лика, ги извршуваат своите задачи и обврски согласно законските прописи. И неговиот заменик Бајдевски информираше дека вицепремиерот си ги завршувал работните задачи и дека имале добра комуникација. Периодот за годишни одмори, како и останатите членови на Владата, според информациите, го искористил и Лика, но останува нејасно дали и колку редовно ќе доаѓа на работа по најновите случувања.
Лика беше оценет како едно од најголемите изненадувања од владините кадри кои ги предложи ДУИ откако во периодот по објавата на „бомбите“ од СДСМ си поднесе оставка на местото организациски секретар на ДУИ. Неговата политичка биографија е релативно богата. Тој своевремено беше заменик-министер за внатрешни работи, а беше и градоначалник на Тетово со мандат од 2005 до 2009 кога ДУИ беше во владина коалиција со СДСМ. Односите со раководството на партијата почнаа да се влошуваат кога ДУИ беше во брак со ВМРО-ДПМНЕ. Тој постојано негодуваше зошто Охридскиот рамковен договор не се спроведува целосно и сметаше дека ДУИ не ги исполнила основните цели за кои всушност била формирана. „Сите знаеме дека Охридскиот рамковен договор не е спроведен. Но вината за ваквата состојба не треба да ја бараме во другите, туку во самите нас“, зборуваше не така одамна Лика.
Сега одлучи дека дворот на Клубот на пратеници, каде што говорник беше Ахмети, модератор на панелот Османи, а слушател Џафери, не е неговата природна средина. Потег кој, според информациите, нема да го чини црвен картон за да не се создаваат дополнителни бранување пред референдумот. Сепак, истиот ден реши пораката за Рамковниот договор да ја испрати преку својот фејсбук-профил. Во неа генерално позитивно зборува за договорот, нагласувајќи дека целосното прифаќање и спроведување на Законот за јазици ќе биде чекор напред за земјата, како што, според него, се и договорите со Грција и Бугарија. Притоа, порачува да се напуштат националистичките политики и сите заеднички да и помагаат на државата за подобра иднина.
Лика ужива големи симпатии во Тетово, а дел од неговите поддржувачи коментираа дека тој со едно кратко писание предизвикал многу поголемо внимание отколку високите функционери на ДУИ со десетици долги говори. (Н.К.)