Лиза Жерар од „Дед кен денс“ доаѓа во Скопје, со Џим Џармуш се преговара

Младинскиот културен центар најави дел од програмата што ја подготвува за тековната 2019 година. Најавија амбициозна програма во сите сегменти од културата кои ги покриваат, а притоа открија и од светските звучни имиња кои ги потврдиле, но и со оние кои преговараат.

Во период кога „Дед кен денс“ се на турнеја низ регионов, од МКЦ успеале да ја обезбедат Лиза Жерар заедно со бугарскиот хор „Мистери војсис“. Нивниот концерт ќе се случи во октомври, но датумот се уште не е прецизиран.
Дознаваме дека од МКЦ преговараат и со Џим Џармуш кој треба да дојде во улога на музичар и да одржи концерт. Најавени се и Британците „Тајгер Лилис“ чиј настан треба ќе се случи на затворањето на годинешниот Млад отворен театар (МОТ).
Тимот на МКЦ, на чело со в.д. директорот Русе Арсов ги презентираа и минатогодишните успешни изданија, а за годинава највија уште поамбициозна програма.
За МОТ ја најавуваат биеналната македонската театарска берза, маркетот на македонски театарски продукции што влегуваат во специјална селекција да бидат презентирани пред странски директори на фестивали.
„Чест ни е да го најавиме повторно со својата последна театарска продукција и словенечкиот режисер Томи Јанежиќ во изведба на ансамблот на Словенско младинско гледалишче, но и уште петнаесетина странски театарски продукции со кои сме во завршни преговори“, вели Арсов.
Тој додава дека во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, важно е континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор.
-Она што е неизбежно да се нагласи кога се зборува за МКЦ е тоа дека оваа јавна установа отсекогаш била дом за прогресивни идеи и културни дејци, дека речиси половина век успевала да пркоси на секој бран на шунд и кич и можеби најважно, дека дури и во најмрачните денови за културата и уметноста, МКЦ беше единствениот вентил на слободата во оваа земја.
МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци, кои беа и се доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на и онака кревкото културно јадро на нашата држава – вели Арсов.

Во однос на фестивалот на европски филм „Синедејс“ планирани се поголем состав на жирито, повеќе етаблирани имиња, уште поцврста програма, активности вон фестивалските дати и надвор од главниот град.
„Дисперзија на програмата во неразвиените општини, филмска едукација за најмладите, соработка со регионалните фестивали за воспоставување на VOD или VIDEO ON DEMAND платформа за прикажување на филмските наслови и постфестивалските прикажувања и бројни останати активности, кои би значеле уште поголем и поширок развој на фестивалот, воведување на две нови награди – награда за најдобра музика на филм, со оглед на тоа дека во рамките на програмата голем дел посветуваме и на музичката програма и на музичките документарни филмови, но и награда за најдобра маркетинг кампања на филм, која планираме да ја реализираме во потесна соработка со домашна маркетинг агенција“, велат од МКЦ и додаваат дека овие денови ќе најават и нови повици за учество во нови проекти.

Во однос на капитални инвестиции годинава ќе има корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани.

Во план е и реновирање на платото пред МКЦ, кое поради близината на реката Вардар, секоја година губи по неколку сантиметри од својата структура и неговата реконструкција е неопходна. Новина е и отворање и воспоставување Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа, а потем својот потенцијал да го искористат како дел од тимот на МКЦ.

И.Настеска