Лидерот на Беса, Гаши за влегувањето во власта: Крајниот збор ќе го има Заев, а не Ахмети

ДУИ сака да дејствува по старо, како во изминатите десет, 15 години и истата таа енергија да ја рефлектира на новата влада. Ова се историски моменти, не смееме да покажеме меѓусебна нетрпеливост и анимозитет. Мислам дека сме при крај со преговорите за влегување во власта – вели Гаши.

ДУИ заедно со СДСМ и со другите партнери од владината коалиција во Беса да гледаат партнер кој сака да ѝ помогне на Македонија да се движи напред. Ова во интервју за „Независен весник“ го кажа лидерот на скопското крило на Беса, Африм Гаши, кој рече дека преговорите со премиерот Зоран Заев за влез на неговата партија во Владата се при крај.

Граѓаните чекаа повеќе од десет години за промена на власта. Како вие, како лидер на движење Беса, ја оценувате досегашната работа на владата на премиерот Зоран Заев?
– Се двоумевме да станеме дел од новата власт бидејќи се сомневавме дека има тенденција да се повторат некои од принципите и од аномалиите на претходната. За жал, сега, по една година, можеме да кажеме дека сме биле во право. За неколку работи генерално нашите оценки се различни, но околу евроатлантскиот пат на земјата, Владата и особено премиерот направија храбри чекори. Тие веднаш се фатија за работа и успешно постигнаа договор со Бугарија, што на земјата ѝ даде залет и ги привлече симпатиите на меѓународниот фактор. Од друга страна, храбриот пристап во однос на проблемот со името со Грција, исто така придонесе да се придобијат натаму симпатиите на меѓународниот фактор и помогна да се воспостават со Грција неколку други форми на комуникација кои го релаксираа амбиентот и овозможија да се разговара за проблемот, да се преговара и да се изнајде решение во пореален амбиент. Друг аргумент претставува Извештајот на Европската комисија, кој содржи многу позитивни оценки и чиста неусловена препорака. Можам да заклучам дека во овој контекст Владата имаше голем успех. Генерално, таа покажа желба за промени, но без видливи резултати, исто како и јавниот сектор под нејзини ингеренции. Можеби за тоа треба повеќе време. Но албанскиот партнер во Владата е научен да работи како минатите 15 години, посебно изминатите десет години, и продолжува по старо обидувајќи се истата енергија да ја рефлектира и во оваа влада. Мислам дека токму ова можеби беше главната причина што ја оневозможи Владата да има поголем успех. Треба да бидеме реални – проблемите на Македонија се комплексни, имаат поголема историја, судскиот систем е исполитизиран, има монтирани процеси, економскиот раст е мал, а сите овие феномени своите почетоци ги имаат во раните 90-ти години. Тешко е која било власт со магичен стап за една година да ги реши сите овие проблеми. Оваа влада е на вистинскиот пат, пристапот е позитивен, но сепак треба поголема храброст и подготвеност за резултатите да бидат подобри.

Во јавноста веќе извесен период кружат информации за вклучувањето на Беса во Владата. Вие се сретнавте со премиерот Зоран Заев, за кои ресорски места сте разговарале и кои се вашите позиции во преговорите?
– Ние неколку пати се сретнавме со Заев, така што преговорите моментално се водат околу тоа како гледаме на заедничкото водење на власта. Ние како движење Беса и јас како лидер, кој ги претставува политиките на оваа партија, му објаснивме на Заев дека не е важно која е формата, туку која е основата на нашето присуство во Владата, за кои принципи заедно ќе се бориме, кои ќе бидат правилата на оваа влада. Секако, разговаравме и за техничкиот дел и за форматот како треба да изгледа Владата. Нормално дека крајниот збор за тоа го има премиерот Заев и тој треба да избере која партија е најдобро да биде во Владата. Ние сме тука за да му помогнеме со нашите идеи, принципи и цели. Затоа, можам да заклучам дека преговорите течат во многу позитивна атмосфера и сме многу блиску до постигнување на договор. Програмскиот дел речиси го завршивме и сега остана само да разговараме за детали. Сега премиерот треба да има разговори со коалициските партнери за да види дали за нив е прифатлив новиот концепт на функционирање на Владата.

Ги спомнавте коалициските партнери на Заев во Владата. Во неколку наврати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека нема да се пазари за владини позиции кои се под контрола на неговата партија. Дали сметате дека Ахмети го има крајниот збор за тоа кој ќе биде а кој не дел од Владата?
– Не. Јас мислам дека крајниот збор го има премиерот Зоран Заев и на крај за ова преку парламентарното мнозинство ќе одлучи Собранието. Ние знаеме кои се бројките во Собранието, кој има поголема тежина. Пред сѐ премиерот кој е изгласан во Собранието има мандат од граѓаните за да ја води Владата. Затоа ние сме во преговори со Заев, во спротивно ќе имаше друг начин на преговори. Јас не сакам другите партии да ја гледаат Беса како закана или ризик. Сакам и ДУИ вклучувањето на Беса во Владата да го гледа како вклучување на партија која ќе ѝ помогне на Македонија. Ние можеме да имаме внатрепартиски несогласувања за разни прашања, но генерално, кога разговараме за клучните прашања со кои денес се соочува Македонија, како што се евроатлантската интеграција и проблемот со името, ова се историски моменти за кои не смееме да покажеме анимозитет и нетрпеливост. Прво, како држава да ги затвориме овие прашања, да бидеме што постабилно мнозинство, да го изодиме овој пат и во моментот кога Македонија ќе стане ЕУ и НАТО-членка, тогаш за мене и за Беса ќе биде ирелевантно дали ќе бидеме дел од Владата или опозиција. Бидејќи имаме чувство дека тогаш во Македонија ќе профункционира правниот систем, правната држава, ќе има борба против криминалот и корупцијата, а не како сега да им се прогледува низ прсти или, како во минатото, да бидат помогнати од некои членови од Владата место спречени. Имаме желба да помогнеме во изградбата на државата и колку што можеме ќе помогнеме во овој контекст. Немаме намера да правиме конфликт во Владата ниту да се критикуваме со некоја партија, но сакаме да го преземеме нашиот дел од одговорноста и да бидеме поуспешни во тоа. Ќе бидеме граѓанско око во борбата против корупцијата во Владата.

Парламентарното мнозинство сѐ уште се соочува со стариот проблем на нестабилност. Премиерот Зоран Заев во една своја изјава рече дека наскоро овој проблем ќе се реши и парламентарното мнозинство ќе има 70 пратеници. Дали движење Беса би имало против да ја дели власта со крилото на Касами, евентуалното со ДПА на Мендух Тачи?
– Не, ние немаме проблеми со другите партии. Кажав дека најголемата одговорност за тоа во која насока ќе се движи државата ја има премиерот Заев. Тој ја ужива довербата на парламентарното мнозинство и ова подразбира дека ја има довербата и на мнозинството од граѓаните. На крајот, тој треба да одлучи со кои партии ќе соработува во Владата. Ние не сме против ниту една од партиите и единствениот проблем во моментот е во другиот политички субјект кој го оспорува нашето име, другото крило на Беса кое мисли дека има право да се нарекува со истото име. Мислиме дека не е добро ваква ситуација и конфликт да се внесе во Владата, но за ова не можеме ние да одлучиме зошто тоа е надлежност на премиерот. Партиските органи заедно со централниот комитет, откако ќе завршат преговорите со Заев, ќе седнат и тогаш ќе ја формулираат нашата конечна одлука. Ако партиските органи ја прифатат одлуката за влез во Владата, во одреден момент оваа одлука ќе ја соопштам пред јавноста, но се до тој момент не можеме да зборуваме која партија ќе биде дел од Владата.

Рековте дека сте блиску до постигнување договор со премиерот Зоран Заев, дали сте при крај?
– Да. Јас мислам дека се при крај. Ако го гледате форматот на преговорите претставен во јавноста, ако Беса и ДПА станат дел од Владата, заедно со СДСМ и ДУИ, не е лесно четирите лидери со четири партии да се координираат и да се позиционираат во однос на ресорите што треба да ги водат. Кога е во прашање нашиот дел, мислам дека сме при крај.

Македонија се наоѓа пред историски моменти за кои се потребни историски одлуки. Мислите ли дека оваа влада ги има потребните капацитети за ги постигне целите земјата во блиска иднина да стане членка на НАТО и ЕУ?
– Сѐ додека во Македонија над 90 отсто од граѓаните, било Македонци, Албанци или други националности се за влез во НАТО и ЕУ, никој не може да го запре овој процес. Јас сум повеќе заинтересиран овој граѓански интерес да го водиме како влада и политички партии и овие процеси да ги движиме напред. Во моментот кога Македонија ќе го реши проблемот за името, таа веднаш може да стане дел од НАТО, додека пак со ЕУ има 35 поглавја што треба за рекордно време да се поминат. И, ако ние сме подготвени да работиме деноноќно за да ги затвориме тие поглавја, јас сум сигурен дека вратата на ЕУ за Македонија ќе биде секогаш отворена. Ако Македонија стане дел од НАТО, тогаш ова ќе претставува мотивација плус конечно решение да постигнат и Косово со Србија, и со тоа овој регион конечно да стане стабилен. Што порано ова ќе се случи, толку постабилен ќе биде овој дел од светот и ќе нема закани по стабилноста, безбедноста, но и по економскиот раст на земјите од Балканот.

Блерим Исмаили