Ливерпул го награди Робертсон со нов договор

Дефанзивецот на Ливерпул, Ендрју Робертсон потпиша нов договор со клубот. Левиот бек се врза за тимот од Мерсисајд до 2024 година и доби солидно зголемување на платата.

Робертсон пристигна на „Енфилд“ летото 2017 година од Хал Сити за износ од 8 милиони фунти. Сепак, тој брзо успеа да се наметне како прв избор на Јирген Клоп на лев бек, заменувајќи го Алберто Морено.

– Веднаш штом добив повик од газдите, дури и не размислував за тоа. Сакам да останам тука и веднаш откако добив официјална понуда, побрзав да ја потпишам. Тоа беше исклучително лесна одлука за мене, и верувам дека така беше и за клубот. Затоа, работите се развија толку брзо. Убаво е да работите со сите на Мелвуд. Најдобро е кога со задоволство одите на работа секој ден. Мило ми е што го продолжив договорот и се надевам дека претстојат многу добри денови, рече Робертсон по потпишувањето на договорот.