Леуварден и Валета – престолнини на европската култура во 2018

Холандскиот град Леуварден и Валета, главниот град на Малта, ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2018 година. Ја преземаат од данскиот Орхус и кипарскиот град Пафос.

Организаторите на програмата за 2018-та во Леуварден најавија отворање на целогодишнатаманифестација на 26-ти и 27 јануари кога сите плоштади на градот ќе бидат поврзани со настани со танц, театар, музика и песна. Идејата им е да го покажат нивниот „iepen mienskip“односно отворено општество.

Леуварден е административен центар на покраината Фризија во северна Холандија која е најголема доколку се бројат и водните површини и е единствена покраина во Холандија со свој јазик (западнофризиски). Има неколку острови кои со копното се поврзани со траектен сообраќај и четири национални паркови. Во пресрет на преземањето на титулата, Музејот на Фризија на 15 октомври отвори изложба поповод сто години од смртта на Маргарета Зеле позната под псевдонимот Мата Хари, која била родена во Леуварден во 1876 година.